Кога се зборува за „верност“ кон еден клуб, тогаш сигурно тоа е Лука Стојковски, голман на генерацијата 2003 на Вардар. Лука е веќе седма година дел од најголемиот клуб во Македонија, настапувајќи за младинските категории на Вардар. За овој период, Лука доаѓа секој ден од Куманово и нема пропуштено ниту еден тренинг за својата генерација “2003“. Со само 14 години успева да застане на голот на младинската екипа на Вардар, додека пред година и пол дебитира за репрезентацијата на Македонија до 15 години. Голема голманска надеж на Вардар, но и на македонскиот фудбал. Сигурно еден од креаторите за успесите на помладите пионери оваа сезона, кога успеаа да стигнат до двојната круна. Лука е последна пречка за противничките екипи, сигурен во своите интервенции и голема поддршка за соиграчите. Во продолжение од текстот прочитајте го нашето интервју со Лука Стојковски.
1. Какви беа очекувањата на екипата пред стартот на сезоната. Со оглед дека бевте дебитанти во лигата, дали на почетокот се гледавте на врвот ?
-Ќе бидам реален, ќе кажам дека во оваа дебитантска сезона тоа и го очекував да се најдеме на врвот на табелата на крајот од сезоната. Претходните две сезони на два пати успевавме да ја освоиме регионалната-скопска лига и еднаш купот на Македонија, имавме добра екипа, а со доаѓањето на неколку играчи од Академијата на ФФМ значително се засиливме, па уште пред стартот на сезоната се наметнувавме како главни фаворити за шампионскиот трофеј. Нормално е дека кога го носиш дресот на Вардар да очекуваш само победи, таков пристап имавме пред секој дуел па на крајот ја остваривме посакуваната цел.
2. Максимумот на екипата дојде во пролетниот дел од сезоната, кога имавте само два нерешени резултати, всушнот во овој период ја направивте и потребната разлика пред останатите конкуренти за првото место. На што се должеше промената во играта на тимот, во двата дела од сезоната ?
-Во пролетниот дел дојде до израз компакноста на тимот или поточно кажано воигрување на тимот. Со оглед дека имавме нов тренер, сигурно дека ни беше потребно време да се вклопиме во неговиот систем на работа.
3. Колку Филип Деспотовски е заслужен за успесите на екипата, колку сте задоволни од неговата работа и соработката со играчите, со оглед дека прва сезона имавте можност да работите со овој млад стратег ?
- Секако дека тренерот е на прво место , што се однесува до успесите на една екипа, Освојувањето на двојната круна го постигнавме со многу работа, труд, дисциплина, и одговорност. Меѓусебното разбирање и комуникација не водеше на самиот врв во лигата и купот. Токму нашите успеси се должат на нашот тренер Деспотовски кој кон нас се однесуваше прво како другар, а потоа и како тренер.
4. Во големото финале на купот игравте против Акад.Пандев, која ја совладавте после изведувањето на удари од белата точка. Вие сте сигурно еден од јунаците на тоа финале, со оглед дека одбранивте два пенали на противникот. Како размислувавте во тие моменти, кога започна пенал серијата ?
-Кога дојде времето за изведување на пеналите знаев дека имам голема одговорност. Ни фалеше овој трофеј за целосно да ја крунисаме нашата макотрпна работа. Во моментов помислив само едно дека „јунаците“ се познаваат кога е најтешко. Морам да истакнам дека имав голема подршка од тренерот, играчите и од неверојатната публика.
5. Со вашата генерација земавте учество на турнир во Сараево, каде се натпреварувавте со повозрасни екипи од вас. Сигурно дека ова е големо искуство за вас, какви се впечатоците од овој турнир ?
-Искуството е неверојатно, да се игра на ваков турнир со повозрасни екипи од Балканот беше голем поттик за уште поголем труд и напорна работа. Мислам дека разликата во возраста си го направи своето, за да не забележиме некои позначителни резултати. Сметам дека во иднина ни се потребни вакви турнири, каде можеме да ги одмеруваме силите со квалитетни екипи.
6. И покрј тоа што имавте одлична сезона со Вардар во изминатиов период немавте настапи за националната селекција. Дали во иднина очекувате повик од селекторот Станковски ?
-Сметам дека оваа година ми беше фантастична со најмалку примени голови, задоволен сум од мојата работа, труд и реализација. Ваквиот успех се должи на непропуштените тренинзи и во Академијата на ФФМ и во Вардар. Сметам дека го заслужувам местото во репрезентацијата и во наредниот период очекувам позив од селекторот Станковски, со оглед на успесите што ги имам.
Звонко Ивановски