БЛАГОЈА ВУЧИДОЛОВ – Препознатлив по неговата надмоќ во дуелите со противничките фудбалери, при извршувањето на дефанзивните задачи Благоја Вучидолов е еден од најдобрите одбранбени фудбалери во долгата и трофејна вардарова историја. За него, повозрасните симпатизери на клубот говорат дека бил борбен играч, покрај кого топката можела да помине но не и противничкиот напаѓач.Славниот Вучидолов е роден на 22 јуни во далечната 1933 година. Во дресот на Вардар дебитира на 20-годишна возраст, на 11 ноември 1953 година против хрватскиот Динамо во Загреб и боите на клубот ги брани во наредните 11 сезони. За најтрофејниот македонски фудбалски клуб има одиграно вкупно 230 средби и постигнато 14 погодоци. Најголемиот успех со тимот, Вучидолов го постигнува во сезоната 1960/1961 кога Вардар се искачи на победничкиот трон во националниот Куп на тогашната Југославија.
По завршувањето на фудбалската кариера, има работено и како тренер на пионерската екипа. Под негово менторство, од младинската школа на клубот произлегоа и прочуените великани Кочо Димитровски и Ванчо Спасовски.