Фудбалскиот клуб Вардар денеска во Прес центарот на Арената „Филип Втори“, одржи прес конференција пред утрешниот натпревар во рамките од второто предквалификациско коло од Лигата на шампионите против Динамо Загреб. Капитенот Грнчаров на денешната прес конференција ги искажа своите очекувања од натпреварот во Лигата на шампионите против Динамо Загреб. Тој верува дека може да се дојде до триумф на овој дуел кој почнува утре во 20-45часот :
Уште пред 20 дена кога го добивме Динамо, размислуваме само на нашиот противник. Секој ден зборуваме само за нив. Играме во Скопје пред нашата публика. Верувам во еден позитивен резултат, а за мене тоа е победа. Не смееме да мислиме на неуспех затоа што така ќе ни биде тешко на реваншот во Загреб. Само храбро и напаѓачки и сметам дека можеме да победиме. Нивното напапачко трио напред, крилата и напаѓачот се најопасните. Имаат доста квалитетни индивидуалци на кои треба да обрнеме внимание. Меѓутоа треба да ја гледаме пред се нашата игра, да играме онака како што ќе се договориме. Според она што го имаат направено во минатото и според традицијата се фаворити на хартија. Ама ние на терен треба да покажеме дека не е така. Теренот е мерило и најдобар показател за квалитетот. Веруваме дека можеме да оствариме добар резултат, а тој за мене е триумф без примен гол.
Нашиот кормилар и поранешен играч а подоцна и капитен на “модрите“ Гоце Седлоски верува дека црвено-црните може да триумфираат пред полниот Филип Втори. Тој сака да остане нашата мрежа мирна во текот на утрешните 90 минути од првиот меч со Динамо загреб, тој вели:
Утре ги повикувам сите навивачи да дојдат и да им дадат поддршка на моите фудбалери на натпреварот со Динамо. Играме против добар тим кој секоја година настапува во Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Знам дека моите играчи ќе го дадат максимумот и дека ќе излезат на терен со желба и срце. Еден месец работиме, сите играчи се подготвени утре вечер да излезат и да се надигруваат со еден добар тим. Го гледавме Динамо, не гледаа и тие нас. Имаат искусни играчи, меѓутоа ние не се плашиме. Посакувам победа без примен гол, што би било добар резултат пред реваншот во Загреб. Играме против една од најдобрите екипи во регионов. Меѓутоа и Вардар има играчи кои што играле вакви натпревари. Видовте дека и лани против АПОЕЛ малку недостасуваше да минеме понатаму, а се надевам дека овој пат ќе ни успее. Немаме проблеми околу повредени играчи, и сите се на располагање. Вечерва после тренингот ќе одлучам со кои играчи ќе настапиме. Но, кои и да излезат на терен, јас верувам дека ќе се носат со нивните одлични фудбалери. Дел од нив играа и на Европското првенство. Мислам дека и нашиот противник нема да не потцени и дека знае против кого игра. Ние утре сакаме победа и се надевам дека ќе ја оствариме.