Кадетите на фудбалскиот клуб Вардар, или генерацијата родени 2001 година во периодот од 4-9.јуни ќе бидат дел од второто издание на силниот регионален турнир „Европски клупски куп на пријателство 2019“ на кој покрај Вардар ќе настапат и други силни екипи од Балканот, истиот ќе се одигра во Златибор.
На турнирот ќе се натпреваруваат вкупно 12 екипи, кои ќе бидат поделени во четири групи, од по три екипи. Вардаровите кадети се дел од групата Ц, во која се уште и екипите на Динамо и Олимпија. Групата А ја сочинуваат екипите на Црвена Ѕвезда, Марибор и Железничар.
Во групата Б се екипите на Сараево, Војводина и Будуќност, додека групата Д ја сочинуваат екипите на Партизан, Осијек и Слобода.
За разлика од минатата година кога учествуваа 16 екипи, оваа година ќе се натпреваруваат 12, а првите две пласирани екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во четвртфиналето. Екипата на Вардар на турнирот ќе биде предводена од Горан Петрески.
Познати патниците на турнирот: Кристијан Китановски и Лука Стојковски ( голмани), Мартин Радуловиќ-Величковиќ, Виктор Крстевски, Анатолиј Петејчук, Филип Манасиевски, Иван Мицевски, Мартин Спировски, Харбин Речица, Азер Омерагиќ, Давид Ристовски, Леонид Игнатов, Хиџрет Рушти, Берат Зендели, Дамјан Трајановски, Петар Гугуљанов, Алдин Цури, Антонио Мирков.
Мечевите ќе бидат пренесувани на каналите на Спорт Клуб, а актуелен освојувач на трофејот е екипата на Сараево, која минатата година во финалето ја победи екипата на Партизан, после изведување на удари од белата точка.