Кадетите и младинците на фудбалскиот клуб Вардар вчера на теренот во населбата Јане Сандански одиграа пријателски натпревари со екипата на Македонија Ѓ.П. Второто коло кое викендов требаше да се одигра е одложено поради репрезентативни настапи, па нашите екипи го искористија за одигрување на пријателски мечеви.
Кадетите на Вардар предводени од Влатко Колев ги совладаа своите врсници од Ѓорче со резултат од 6:1. По првото полувреме резултатот беше 2:1. По два гола на овој дуел беа дело на Дарлишта и Адем, додека еднаш во листата на стрелци се запишаа Благојевиќ и новото засилување Андоновски.
Младинците пак исто така забележаа висок триумф против врсниците од Македонија Ѓ.П со резултат од 5:1. Пет различни играчи се запишаа во листата на стрелци во нашиот состав кој го предводи Петар Ѓорѓиевски. Дишлиевски, Димов, Маркоски, Абдулхади и Димоски ја погодија противничката мрежа.