Во недела на теренот на Академијата своите натпревари од 19 првенствено коло ќе ги одиграат кадетите и младинците на ФК Вардар, додека мечевите на пионерските екипи се одложени поради репрезентативни настапи.
Кадетите играат одлично во пролетниот дел од сезоната, каде на четири одиграни натпревари имаат три победи и еден нерешен резултат. Секој дуел за избраниците на Влатко Колев е важен, со оглед дека се во голема борба за шампионската титула со екипата на Шкендија. Во есенскиот дел, црвено-црните триумфираа на гостувањето во Тетово и тоа убедливо со резултат 0:3, со головите на Милан Благојевиќ (2) и Малик Хасановиќ. Во составот на Вардар ќе недостасува Александар Ѓурковски, кој е стандарден во оваа генерација, како и Анатолиј Петејчук, кој на последните два натпревари ја добиваше довербата кај тренерот Колев. И двајцата се наоѓаат на турнир во БИХ со младинската селекција до 16 години. Кадетските екипи на Вардар и Ренова играат во терминот од 10:00 часот.
Младинците исто така се наоѓаат во серија од две победи, и триумф е императив за момците на Бабунски на неделниот дуел против врсниците од Ренова. Првиот дуел одигран на гостински терен заврши со поделба на бодовите (2:2), иако Вардар на тој меч имаше водство од 0:2, кое до крајот на мечот не успеа да го задржи. Тогаш головите беа дело на Јакуп Бериша и Саит Битиќи. Мечот со Ренова во недела е закажан да започне од 12:00 часот.