Кадетите на Фк Вардар се вистински “бум“ во младинските лиги. Оваа генерација предводена од тренерот Љупчо Марковски не знае сеуште за пораз во оваа натпреварувачка сезона. Фактот што на последните два пролетни натпревари постигна дури неверојатни 19 гола во противничките мрежи покажува колку овој тим игра без респект и до последна секунда со противниците. Без оглед колку е резултатот и предноста голема во нивна корист, до крај ја понижуваат екипата од спротивната страна. Тоа најдобро на своја кожа го почуствуваа во претходното коло Битолски Пелистер, а денес и екипата на Македонија Ѓ.П.
Утрово на теренот во Ѓорче, домашната екипа доживеа вистински дебакл од своите врсници од Вардар. Црвено-црните им одржаа права фудбалска лекција, декласирајќи ги со резултат 0:10. Есмин Личина постигна три гола, од кои два беа од белата точка. Виктор Димков исто така три пати ја тресеше мрежата наЃорче, Јасир Беќири погоди два пати, а во листата на стрелци се запишаа и Ердон Даци и Александар Најдоски. Целиот натпревар се играше на половината на Ѓорче, со константен притисок и напади на Вардаровите фудбалери. По првиот дел беше најавена победата, кога на пауза се замина со предност од 0:3.
Ова е голем чекор напред за оваа генерација, која е блиску до освојување на шампионската титула. После двата кикса на Металург во пролетниот дел од сезоната, црвено-црните се одалечија на плус шест разлика од најголемиот конкурент. Во следното коло ги очекува дерби натпреварот, против екипата на Работнички на домашен терен.