Кадетите на фудбалскиот клуб Вардар утрово на теренот на Академијата го добија дербито со екипата на Македонија Ѓ.П, во рамките на 18 првенствено коло. Нашите млади надежи славеа минимално со резултат 2:1.
Тренерот Влато Колев стартуваше со следниве 11-сетмина: Тимевски, Ѓурковски, Младеновски, Радевски, Петејчук, Ѓорѓиески, Димоски,Илиевски, Благојевиќ, Мустафа, Пешевски (c).
Првата шанса на мечот ја имаше екипата на Македонија Ѓ.П. кога еден нивни играч биеше од околу 25 метри, но нашиот голман, Бојан Тимевски со парада спасува негатива за својот тим. Црвено-црните беа блиску до отварање на резултатот, кога Бојан Димоски силно шутираше, но ја погоди само пречката од противничкиот гол, па резултатот остана оној почетниот. Вардар успева да поведе со 1:0 и тоа со авто гол на гостинската екипа. Од корнер нафрли Радевски во срцетот на шеснаесетникот на Ѓорче, при што еден од нивните играчи ја смести топката во својата мрежа, за отварање на резултатот. Избраниците на Колев атакуваа кон голот на Ѓорче, со желба да постигнат нов гол. Таква една ситуација имаше во противничкиот шеснаесетник, кога Мустафа од десната страна нафрли топка, Илиевски ја допра, но противничките дефанзивци ја извадија топката од гол линијата.
Двете екипи наметнаа силно темпо на игра, се играше брзо и двете екипи создаваа прилики за загрозување на голот. На денешниот натпревар, одлично бранеше нашиот голман, Бојан Тимевски кој во следните минути спасува погодок на противникот и тоа со удар од белата точка. Откако нашиот играч, Марио Младеновски направи прекршок во противничкиот шеснаесетник, судијата оправдано покажа на белата точка. Сепак Тимевски не дозволи израмнување, ја процени топката која одеше во неговиот долен десен агол и со бравурозна реакција го остави Вардар во водство. Пред да се случи ударот од белата точка, уште една одлична одбрана на Тимевски, кој повторно ги искажа своите голмански способности. Кога Ѓорче не ги искористи своите прилики, следуваше казна на спротивната страна, кога Димоски упати прецизна топка која стигна до Милан Благојевиќ, овој умешно ја смести топката во мрежата, за зголемување на резултатот на 2:0. Истиве играчи до крајот на првиот дел искомбинираа уште една акција, повторно Димоски до Благојевиќ, овој пат противничката одбрана исфрла од гол линијата и спасува поголема негатива за својата екипа. По истекот на првите 45 минути, резултатот е 2:0.
Прва измена на стартот на второто полувреме во редовите на Вардар. Од игра е повлечен Бојан Димоски, на негово место е Леонид Игнатов. Противникот се покажа како подобар за нијанса во вторите 45 минути и бргу го намали резултатот на 2:1. На голот претходеше кикс во нашата дефанзивна линија, што не чинеше погодок и намалување на резултатот. И во вториот дел гледавме динамичен меч, а гостинскиот тим имаше обид од слободен удар, кој заврши покрај нашиот гол. Нови измени кај Вардар, на местото на Младеновски и Пешевски, во игра се Божидар Митревски и Христијан Димов.
Црвено-црните можеа предвреме да го решат победникот, кога Марио Илиевски биеше од некаде 15 метри, а противничкиот голман одбрани и спаси поголема негатива за тимот на Ѓорче. Во последните десет минути од натпреварот, за одбележување е ударот на Мустафа кој оди над голот на гостите, како и стопроцентната прилика за Македонија Ѓ.П, која за наша среќа ја спаси Тимевски Бојан. Нашиот голман денес се покажа како херој во освојување на бодовите за Вардар, тој покрај одбранетиот пенал, спаси и две чисти стопроцентни прилики на противникот за постигнување на гол. Немаше време за некои поголеми возбудувања, па судијата отсвири крај. Конечниот резултат гласеше 2:1.
Ова е трета пролетна победа за кадетите на Вардар кои во овој дел од сезоната имаат само еден нерешен резултат, избраниците на Колев ја продолжуваат битката за титулата со екипата на Шкендија.