Ништо од кадетското фудбалско дерби, кое требаше да понуди неизвесност. Утрово на теренот на академијата, екипата на Вардар го надигра Пелистер, иако голем дел од мечот игравме и со играч помалку. На крајот нашите надежи славеа убедливо со резултат од 9:1.
Тренерот Колев го започна мечот со следниве 11-сетмина: Зибери, Пешевски, Петковски, Калчиноски, Адем, Ѓорѓиески, Димоски, Ибиши, Дарлишта Реџепи, Радевски.
Не им требаше многу време на Вардаровите кадети да го постигнат првиот гол, откако по само 60 секунди игра, репрезентативецот Џемал Ибиши успева да ја затресе мрежата на Пелистер и да му донесе водство на Вардар од 1:0. Црвено-црните доминираа во првото полувреме и имаа голем посед на топка. Постојано пристискааа на противничката половина, па шансите се редеа пред голот на пелистер. Набргу зголемуваме и на 2:0 со голот на Александар Ѓорѓиески кој на одбиена топка најправо направи “лажно“ движење за удар, кој ги измами противничките играчи за да си направи простор и да бие во мрежата за предност од 2:0. Одлично игравме на овој натпревар и имавме контрола на играта. Не поминаа ни две минути од вториот гол, кога во листата на стрелци се запишува и повратникот во тимот, Фитор Реџепи кој бие од околу 20 метри силно за водство од 3:0. Во следните минути во шанса се најде Ѓорѓиески, кој со глава бие покрај голот на Пелистер. Прв обид и за гостинската екипа, но нивниот удар завршува над голот на Зибери. Поради недоразбирање на еден од играчите на Пелистер и нивниот голман кој прифати топка после намерно вратена кон него, судијата оправдано покажа индирект удар за Вардарци. Од само неколку метри, успева да погоди Али Адем и да му донесе предност на Вардар од високи 4:0. Непотребно добиваме директен црвен картон, кога беше исклучен Александар Ѓорѓиески кој удри противнички играч без топка, по што судијата му покажа директен црвен картон. И покрај тоа што игравме со играч помалку, тоа не се осети во нашата игра до крајот на првото полувреме, кога одличниот Ибиши со соло продор од десната страна се ослободи од неколку дефанзивни играчи на Пелистер и бие во голот за водство од 5:1.
Вториот дел започна со голема нова шанса за Вардар и тоа преку Кренарт Дарлишта кој ја погоди стативата од голот на Пелистер. И покрај тоа што игравме со играч помалку, тоа не се почуствува многу на теренот. Противникот се закани со два удари, кои одлично ги одбрани нашиот голман, Малик Зибери. Возврати Вардар преку Ибиши, но резултатот остана оној ист од првото полувреме. Црвено-црните успеваат да го постигнат својот шестти гол на овој меч и да го зголемат резултатот на 6:1 со погодокот на Дарлишта кој се најде на вистинското место, при нафрлена топка од левата страна. Прва измена во нашиот состав направи тренерот Влатко Колев, кој од игра го повлече Петковски, а на негово место влезе Марио Младеновски. Продолживме со офанизвната игра, која дава резултат. Во листата на стрелци при една одлична акција во која учествуваа неколку играчи, се запиша и Бојан Димоски, за веќе убедливо водство од 7:1. Нова измена во нашите редови, на местото на Али Адем, во игра влезе Мартин Филипоски, додека играта ја напушти и Анел Калчиноски, кој беше заменет од Александар Младеновски. По една голема грешка на голманот на Пелистер кој сакаше да дрибла во својот простор, му беше одземена топка од брзиот Дарлишта, кој успешно одзема за зголемување на водството на 8:1. До крајот на мечот падна уште еден гол во мрежата на Пелистер, а голот беше дело на нововлезениот Мартин Филипоски, за конечен резултат од 9:1.
Ова беше вкупно трета победа за кадетите во новата сезона, кои денес речиси и да немаа рамноправен противник на теренот.