Денес во Тетово, кадетите и младинците на ФК Вардар го одиграа заостанатиот натпревар против екипата на Ренова. Кадетите славеа убедливо со резултат 0:3, додека младинците повторно “кикснаа“ играјќи само со нерешен резултат од 2:2.
Кадетите на ФК Вардар играат одлично во финишот на есенскиот дел од сезоната, каде денес стигнаа до нова врзана победа во првенството. Избраниците на Колев славеа на гостувањето во Тетово со резултат од 0:3. Уште по првото полувреме ја најавивме победата, кога на одмор се замина со водство од 0:2. Резултатот на овој меч го отвори Малик Хасановиќ кој погоди во 31 минута и му донесе водство на Вардар од 0:1. На три минути пред крајот на првиот дел, втор гол во мрежата на Ренова, а прв на денешниот меч за Милан Благојевиќ кој го зголеми резултатот на 0:2. Сите дилеми за конечниот победник, нашите надежи ги решија по само шест минути игра во второто полувреме, кога во 51 минута со вториот гол на Благојевиќ поведуваме со 0:3. Ова беше и конечен резултат на крајот од натпреварот. Со овој триумф се искачуваме во горниот дел од табелата и ги задржуваме шансите за титулата.
ФК Вардар: Тимевски, Радевски, Манасиевски, Пешевски, Дарлишта, Адем, Благојевиќ, Димоски, Ибиши, Димов, Ѓурковски.
Младинците и покрај тоа што имаа водство од 0:2, на крајот сепак мечот заврши со нерешен резултат од 2:2. Вардар во 15 минута успева да го отвори резултатот и да поведе со 0:1 со голот на Јакуп Бериша, додека во 28 минута со голот на Саит Битиќи и да зголемиме на 0:2. Сепак домашниот тим за само две минути успева да постигне два гола и тоа во 38 и 40 минута, за да го израмни резултаот на 2:2. Овој реззултат на крајот се покажа и како конечен.
ФК Вардар: Велковски, Дишлиевски, Антовски, Серафимов, Милковски, Наумчески, Битиќи, Реџепи, Јахја, Маркоски, Бериша.
Со овие натпревари заврши есенскиот дел од сезоната во првенството на младинските фудбалски категории.