Кадетите на Фк Вардар се убедливо најуспешна категорија, од сите кои се натпреваруваа во првенството и купот на Македонија. Иако на крај за минута им избега лидерското место и титулата, со примен погодок во последната минута, сепак не не разочараа. Напротив одиграа најдопадлив, офанзивен и квалитетен фудбал. Речиси од почетокот беа на врвот на табелата. Успеаа да забележат 19 победи, од кои 14 беа првенствени и 5 во националниот куп. Само три пати противниците успеаа да ги совладаат нашите надежи, и тоа два пати екипата на Металург. Еднаш во полуфиналето на купот и еден пораз во првенството, доживеавме од Металург, и оној сигурно најболниот од екипата на Шкендија во последното коло кога и ја загубивме титулата. Шест пати одиграа нерешено со противниците во лигата. Беа постигнати вкупно 92 погодоци.
Во првенството дадоа 74 голови и во купот 18. Беа примени само 17 погодоци во својата мрежа, 10 во првенството и 7 во купот на Македонија. Избраниците на Љупчо Марковски го освоија националниот куп, каде во финалето беа подобри од екипата на Работнички. Беше забележан минимален триумф од 1:0. На крајот во лигата завршија како второпласирани со исти бодови со Шкендија, но поради подобриот меѓусебен дуел, тимот од Тетово ја однесе титулата. Сега следува одмор за кадетите, пред враќање на новите предизвици за следната сезона.