Двете Вардарови генерации родени “2005“ и “2006“ година вчера на Академијата одиграа меѓусебен контролен натпревар, како последна подготовка пред заминувањето на турнирот во Краљево. Интересно овој дуел им припадна на помалите избраници на Игор Кралевски, кои со убедлив триумф од 5:2, беа подобри од пулените на Зоран Петковски.
Се играа две полувремиња по 30 минути, во кои подобри беа генерација “2006“ кои покажаа поголема желба за победа и заслужено победија. Борбеноста и мотивираноста беше на страната на помладите надежи, кои одиграа како што најдобро знаат и најавија дека се во добра форма пред настапот на турнирот во Краљево, кој започнува во петок. По првото полувреме имаа минимално водство од 1:0. Матеј Гаштаров постигна два гола во победата на генерацијата “2006“, додека по еден беа дело на Марко Николовски, Стефан Коловски и Давид Голубов. Головите за генерација “2005“ беа дело на Филип Јовановски и Ѓорѓи Дошев. Ова беше вкупно шеста победа за генерација “2006“ од исто толку одиграни мечеви.
Очекуваме двете Вардарови генерации да се покажат во најдобро издание на силниот меѓународен турнир во Краљево, на кој ќе учествуваат и генерацијата “2007“ на Томче Трајановски.