Две младински фудбалски репрезентации на Македонија денес одиграа контролни натпревари, на кои забележаа нерешен резултат и пораз.
Репрезентацијата која ја сочинуваат играчи до 15 години ремизираа на првиот контролен дуел против селекцијата на Црна Гора (2:2). Од вардаровите играчи, вкупно четворица повикани за пријателските мечеви со црнаорците, на денешниот натпревар во првите 11 се најдоа Георг Стојановски и Бесар Гуџуфи. Во игра во вториот дел влегоа и Максим Милошевски и Никола Павлески. Головите за Македонија ги постигнаа Виктор Боневски и Дашмир Елези.
Пријателски натпревар во Букурешт, денес одиграа и селекциите до 16 години на Романија и Македонија. Посреќни беа домаќините кои славеа со погодок во 94 минута, откако судијата досуди пенал за романците, кои го реализираа за победа од 1:0. Македонија има за што да жали на овој дуел, со оглед дека беше подобриот на теренот и во првиот дел имаше три стопроцентни шанси. Во стартниот состав на селекторот, Златко Златановски се најдоа и двајцата вардарци, Грегори Давков и Андреј Стојчевски, додека во последните 15 минути од мечот влезе и капитенот на вардаровите помлади пионери, се работи за Петар Давидовски, додека шанса на вториот меч ќе чека голманот Лука Стојковски.