Saturday ,27 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Игор Кралевски: Сите денес имаме чест да бидеме дел од овој Вардар, клуб на европско ниво и со услови какви што посакува секој тренер и секој играч
Игор Кралевски: Сите денес имаме чест да бидеме дел од овој Вардар, клуб на европско ниво и со услови какви што посакува секој тренер и секој играч

Игор Кралевски: Сите денес имаме чест да бидеме дел од овој Вардар, клуб на европско ниво и со услови какви што посакува секој тренер и секој играч

Во наредниов текст можете да го прочитате интервјуто со Игор Кралевски, кој  е поранешен репрезентативец на Македонија. Има настапувано во младинските категории на Вардар и тоа од 8-18 години, клубот каде во моментов работи како тренер на генерацијата родени “2006“ година. Ги има поминато и сите младински категории на Македонската фудбалска репрезентација. Во Хрватска е врвот на неговата кариера, каде со успех настапува три години. После Хајдук својата интернационална кариера ја продолжува во Русија во екипата на Луч Енергија Владивосток во премиер лигата.

1. Изминатава сезона започнавте да работите во младинските категории на Вардар. Најпрво како тренер на генерација “2007“, по што бевте префрлени да работите со вардаровата генер “2006“. Со оглед дека ова е прво ваше тренерско искуство како се снајдовте во новата улога и што беше тоа што најмногу ве потикна да започнете да работите како тренер ?

-Изминатата сезона, точно пред една година започнав со работа во најголемиот и најтрофејниот клуб во Македонија, тоа е ФК Вардар. Со голема желба и труд ја извршувам функцијата на тренер во младинските категории на Вардар. Како почетник ја добив нормално најмалата генерација, кои тогаш беа родени “2007“ година и за многу мал период од околу три месеци го освоив и првиот мој турнир како тренер. По договор со најдобриот и највредниот работник, координаторот Сашо Милошевски ја превземав генерацијата родени “2006“ година. Уште на стартот на сезоната, како најталентирани играчи од генерацијата “2006“, Давор Лефковски и Дарко Сековски беа повлечени од страна на тренерот Зоран Петковски, за да настапуваат кај генерацијата родени “2005′ година, со што мојата екипа уште од почетокот беше ослабена. Со напорна работа и со несебично пренесување на моето долгогодишно меѓународно исксутво на моите дечиња, родени “2006“ година и со поделба на две групи составени од по 12 играчи направивме да има голем напредок кај оваа генерација. Поттик за оваа несебична и искрена работа беше токму моето детство поминато во младинските категории на фудбалскиот клуб Вардар. Од моите 8-18 години го носев црвено-црниот дрес и поминав покрај легендите, Кочо Димитровски, Мето Спасовски, Васил Рингов и покојниот Перица Груевски. Во некои моменти од сегашната работа го препознавам моето детство и некои моменти од тоа време. 

2. Во својата фудбалска кариера како играч имавте можност да бидете дел од Хајдук и Луч Енергија од Русија . Колку вашето богато искуство им го пренесувате на овие мали дечиња, кои допрва започнуваат да ја учат фудбалската игра ?

-Играњето во Русија и Хајдук од Сплит беа моето најголемо искуство. За време на мојата играчка интернационална кариера научив дека талентот е 10 %, додека дури 90% е работа и само работа. Тука се работеше многу професионално и дисциплинирано. За да има успех мора да се посочи и да се стави главен акцент на правилно селектирање на децата и затоа ги поделив во две групи. Едната група тренираа во понеделник и среда, додека другата во вторник и четврток. Благодарение на условите што ги имаме, во очекување сме на уште подобри резултати во новата сезона.

3. Може ли да ни направите споредба на условите за тренинг и работа, како играч и сега како тренер во младинските категории на Вардар ?

- Тогашните услови како играч во младинските категории на ФК Вардар и сегашните во кои работам како тренер, немаат никаква споредба. Ние сите денес имаме чест да бидеме дел од овој Вардар, клуб на европско ниво и со услови какви што посакува секој тренер и секој играч. Со сигурност може да се каже дека тоа се најдобрите услови за работа на Балканот, а со сигурност тврдам и пошироко. Неминовно е покрај вакви одлични услови, за неколку години да излезат одлични играчи, кои ќе бидат носители на играта на првиот тим на ФК Вардар. 

4. Вие сте единствениот тренер кој во сезоната која помина настапивте на најмногу турнири, на кои освоивте четири први и едно второ место. Какво беше чуството да се освојуваат трофеи уште во првата година како тренер и колку децата ве правеа среќен во тие моменти ?

-Јас сум единствен тренер кој изминатва сезона настојував да настапам на повеќе младински турнири и тоа клубот целосно ни го овозоможи. Мислам дека за овие деца, како мојата генерација најбитни се турнирите за да го осетат натпреварувањето, односно нокаут мечевите. Да се подготвени да се носат со притисокот дека на некои настапи нема поправен. Сакам исто така да им доловам многу моменти и посветувам многу повеќе време и внимание за време на тренинзите и теоретскиот дел. Побргу да созреваат и развиваат во играчи со голем квалитет и потенцијал. Освојувањето на четирите од петте турнири ме направија пресреќен. Кога децата ќе ги видиш како се борат за секоја топка и победа, јас како тренер и човек нема посреќен од мене. Јас сум тука за децата, да ги направам среќни и да уживаат во играњето фудбал.

5. Може ли да ни дадете една кратка оценка и анализа на изминатава сезона во детската лига ?

-Изминатава сезона за нас беше одлична и со Вардар (1) и Вардар (2), но грешка е што оваа генерација во лигата се натпреварува со формација 4+1, додека на турнирите настапувавме со 6+1. Кога ќе ги земеме во обзир сите работи, генерација “2006“ имаше најголем напредок од детските генерации.

6. Која е разликата да бидете играч од една и тренер од друга страна. Која фунција носи поголема одговорност и како гледате на двете работи ?

-Кога би направиле разлика помеѓу тренер и играч, разликата и одговорноста е многу голема. Додека си играч мислиш само на себе, да отидеш на тренинг да дадеш максиум и да одмориш нормално после тренинг. Додека како тренер, таа одговорност е многу поголема. Покрај тоа што размислуваш како треба да изгледа еден тренинг, истовремено треба да обрнуваш внимание на уште 25 деца, кои имаат само 11 години. Сакам да ме гледаат како педагог, тренер и како родител  истовремено.

7. Што е најважно за едно дете во иднина да стане добар фудбалер ?

- Прво и основно е детето да има желба за фудбал, а тоа е работа на тренерот дали тоа дете ќе ги засака овој спорт и во колкава мера. Втората особина е упорноста и професионалниот однос на тренинг и натпревар, што исто така се многу битни работи. За да биде успешен играч, треба да се биде “жртва“ на фудбалот, да водиш спортски живот и напорно да тренираш и веруваш во себе.

8.Кога стартувате со тренинзи за новата сезона, дали ќе има промени во составот на вашата генерација и што може да се очекува од вашата екипа во сезоната која доаѓа ?

-Подготовките на генерација “2006“ за новата сезона ќе започнат на 3 август, на академијата со почеток од 18 часот. Сигурно дека ќе има новитети, а еден од нив е Матеј Гаштаров. За да има квалитет генерацијата и да оди во нагорна линија, секоја година ќе биде потребно да се земаат 2-3 нови квалитетни деца. Ќе се примаат и деца кои ќе бидат селектирани, па ако е потребно ќе бидат поделени и во три групи, со кои ќе се работи посебно. Целта е да се работи со помал број на деца на еден тренинг, за тоа дете да има повеќе контакти со топката за време на еден тренинг. Подобра прегледност имаме и со нашата “Јуниор“ лига, каде нашите скаути ги препознаваат најдобрите играчи од градовите низ цела Македонија. Не се многу важни освоените турнири и детската лига, туку најголемо внимание обрнувам на напредокот на децата. Мора да се напомене дека квалитетот и успехот доаѓа токму од правилното селектирање на децата, изјави Игор Кралевски за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски