Вардар го доживеа првиот пораз на подготовките. Попладнево тимот на Марибор во целост го надигра нашиот тим и заслужено славеше победа со резултат 1:0. Нашите играчи во вториот дел речиси и да не се заканија кон голот на шампионот на Словенија. Доколку Вардар сака добри натпревари против Малме, тогаш ќе мора да донесе нови играчи пред се на средината на теренот и во нападот.
Вардар по првиот дел имаше негатива од 1:0. Најубавата шанса во првиот дел за Вардар ја имаше Барсегјан, кој биеше од 20-сетина метри, но неговиот удар одлично го одбрани Хандановиќ и спречи сигурен погодок за нашиот тим. Во првиот дел Вардар имаше и шанса преку Блажевски, но и таа шанса пропадна бидејќи Блажевски биеше само покрај голот. Марибор поведе во 42. минута и тоа преку Мешановиќ. Овој играч ова лето можеше да дојде во Вардар, но тоа не се случи и на крај потпиша за Марибор.
На почетокот на вториот дел во нашиот тим беа направени неколку замени во игра влегоа Пачовски, Балотели, Исени, Џигаури и Глишиќ. Во 58 минута во редовите на Марибор пак, беа направени дури осум замени. Во 59 минута Марибор можеше да дојде и до 2:0, ударот на еден играч заврши само во пречката од голот на Пачовски и остана 1:0. Во 62 минута во игра влезе и Стојков на местото на Барсегјан. Во вториот дел Вардар делуваше немоќно, скоро и да не створи никаква шанса освен еден удар на Џигаури кој заврши високо над голот на Марибор. Марибор во вториот дел доминираше на секој дел од теренот, доколку имаа повеќе среќа можеа да ни дадат и три голови.