Во регионалната -скопска лига започна третиот и последен круг на натпреварување по што ќе биде познат новиот шампион во овој скопско-кумановски регион. Вардар не успеа во вторникот да го совлада тимот на Работнички и да биде поблиску до титулата, иако се уште се наоѓаат на врвот на табелата со големи шанси да бидат старо-нови шампиони во ова натпреварување. Иако на полувреме имавме минимално водство, во вториот дел гостинската екипа постигна гол и ги постави конечните 1:1 во градското дерби, кај генерацијата родени “2003“ година. Стартер на овој дуел за Вардар беше десниот бек, Дамјан Марковски кој за нашиот сајт ги сподели своите впечатоци од дербито.
-Работнички е солиден противник, како сите тимови така и екипата на Работнички дава се од себе кога игра против Вардар. Од стартот на натпреварот влеговме цврсто и стигнавме до гол. Во почетокот на второто полувреме тие не притиснаа и со наши грешки тие стигнаа до погодок. Потоа во текот на второто полувреме нововлезениот Гуџуфи имаше шанса на само неколку метри од голот, но топката отиде над гол. Имавме уште две шанси, но не ги реализиравме, така кажано немавме среќа.
Во рамките на новото коло, избраниците на Горан Петрески, утре со почеток од 09:00 часот гостуваат во Ѓорче, на екипата на Македонија Ѓ.П дуел на кој Вардар е фаворит за освојување на бодовите.
-Утре не очекува натпревар против Македонија Ѓ.П, на кој треба да влеземе мотивирано и сконцентрирано за да се вратиме на победите и да освоиме нови три бода. Сметам дека сме фаворити, но таа улога треба да ја оправдаме на теренот и без потценување на противникот очекувам да бидеме доминантни и да победиме на ова гостување.
Вардарци во продолжение од сезоната ги очекува борбата за трофејот во купот, каде треба да го одиграат реванш мечот од полуфиналето против екипата на Академија Пандев, на првиот дуел во Струмица резултатот беше 0:0.
-Академија Пандев е силна и доста незгодна екипа која знае да ги казни противничките грешки. Со оглед дека на реваншот ќе тргнеме со оној почетниот резултат сметам дека ни една од екипите не може да се каже дека се блиску до финалето. Нашата предност е што играме на домашен терен, на кој тешко и многу ретко губиме.
Марковски е еден од постандардните во составот кој го предводи “Чунга Лунга“, тренер кој се обидува да им даде подеднаква минутажа на сите играчи, кои добиваат шанса да покажат што знаат.
-Од мојата минутажа сум презадоволен, исто така и од моите настапи бидејќи тренерот ни дава преголема мотивација и храброст без обзир на се. Се надевам и верувам дека сите како тим ќе ја одбраниме двојната круна од минатата сезона.
Звонко Ивановски