Викендов ќе се одигра третото коло во првенството на младинските фудбалски категории. Следен противник за Вардаровите генерации ќе биде екипата на Милано од Куманово. Пионерските екипи ќе гостуваат во недела во Куманово, додека кадетите и младинците своите мечеви ќе ги одиграат во сабота на теренот во населбата Јане Сандански.
Во минатото коло, помладите пионери стигнаа до првата првенствена победа и тоа во дербито со екипата на Пелистер. Оваа генерација не ја започна баш најдобро сезоната, но во наредните мечеви со својата игра треба да потсети на настапите од минатата сезона, кога само за еден бод го загубија вицешампионското место. Минатагодишните натпревари ги добивме убедливо со овој противник. На домашен терен го совладавме Милано со резултат 3:0, додека во последното коло на гостувањето во Куманово, триумфиравме со 0:4. Милано знае да одигра добро на домашен терен, така да воопшто нема да биде лесно за избраниците на Сашо Јанев да стигнат до триумф. Овој меч ќе започне во недела, со почеток од 15 часот.
Пионерите имаат добро сеќавање и убави спомени во дуелите со овој противник. Најпрво во последното есенско коло од минатата сезона го совладавме Милано (2:0), за во последното коло токму на теренот на противникот да ја обезбедиме првенствената титула. Тогаш славевме уште поубедливо со резултат 2:6. Во меѓувреме со екипата на Милано се сретнавме во финалето на купот и тука избраниците на Сашо Тодоровски излегоа како победници и славеа со резултат 3:1. Овој дуел ќе се одигра исто во недела, од 17 часот на теренот во Куманово.
Кадетите на домашен терен ќе се обидат да ја продолжат добрата серја на резултати, која започна од почетокот на сезоната. После воведните победи против Академија Пандев и Пелистер, избраниците на Влатко Колев ќе атакуваат на третиот триумф оваа сезона. За потсетување минатосезонските мечеви со Милано завршија со еден нерешен резултат и еден триумф за Вардарци. Дуелот на Вардаровите кадети со своите врсници од Милано ќе се игра во сабота, со почеток од 10 часот во населбата Јане Сандански.
Максимални шест бода по првите две одиграни кола имаат и младинците на ФК Вардар, кои на крајот на септември ќе играат и во квалификационите мечеви од лигата на шампиони. По една победа им припадна на двете екипи, на натпреварите одиграни минатата сезона, но оној пораз и тоа во последното коло од Милано немаше никакво резултатско значење за избраниците на Љупчо Марковски. Тогаш веќе ја имавме обезбедено титулата. Тогаш на гостински терен славевме со резултат 1:2. Овој дуел ќе започне од 12 часот на теренот во населбата Ј. Сандански.
Во очекување сме на добри натпревари и продолжување на победничката серија за нашите екипи.