Wednesday ,24 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Сашо Милошевски: Целта на “Јуниор лигата“ е да се донесат што поголем број на квалитетни деца во ФК Вардар и да се зголеми интересот на децата за Вардар и во другите градови ширум Македонија
Сашо Милошевски: Целта на “Јуниор лигата“ е да се донесат што поголем број на квалитетни деца во ФК Вардар и да се зголеми интересот на децата за Вардар и во другите градови ширум Македонија

Сашо Милошевски: Целта на “Јуниор лигата“ е да се донесат што поголем број на квалитетни деца во ФК Вардар и да се зголеми интересот на децата за Вардар и во другите градови ширум Македонија

Финишираше првата сезона на фудбалската Јуниор лига, каде се натпреваруваа вкупно 11 фудбалски школи од цела Македонија. Овој голем проект е под целосна организација на најголемиот клуб во Македонија, кој е прв кај кого се роди идејата да ги соединат во една лига сите школи од земјава. Задоволително ниво во дебитанската сезона на Јуниор лигата, одигрувајќи се голем број на натпревари во неколку различни возрасни генерации.  Исто така секој викенд се играа турнири во различни градови од Македонија. Како помина првата сезона на јуниор лигата, впечатоците и значењето на истата и очекувањата за следната сезона можете да прочитате од интервјуто кое го направивме со Сашо Милошевски. Човекот кој секојдневно е посветен на работата во младинските категории на ФК Вардар и кој со голема љубов ја извршува функцијата на координатор во истите. Тој е поранешен Македонски репрезентативец и Вардарова легенда, како и докажано фудбалско име во нашата држава.

-Со доаѓањето на господинот Сергеј Самсоненко како сопственик на клубот потекна идејата за формирање на регионална лига, која ние сите во клубот со восхит ја прифативме и започнавме да ја реализираме. Идејата за формирање на “Вардар Јуниор“ лигата беше одлично прифатена во сите градови во нашата земја. На почетокот односно на есен приклучивме седум фудбалски школи кои со голема радост ја прифатија нашата понуда, затоа што самите увидоа дека тоа ќе има бенефит за нивните школи, а исто и за нас како ФК Вардар. Како прво бенефитот беше што за неколку месеци бројката на деца се зголеми за 20-30, добија на поголем квалитет кај самите деца а освен тоа им беше доделена комплет опрема, реквизити и топки. Во пролетниот дел во лигата пристапија уште четири нови школи, кои исто така без размислување ја прифатија понудата да бидат дел од овој голем проект. Со “Јуниор“ лигата не добива само Вардар и фудбалските школи, туку и самите градови од каде доаѓаат екипите, со самото тоа што се зголеми интересот на децата за играње фудбал.

Вкупно осум деца се препознаени како квалитетни во првата сезона на Јуниор лигата и веќе истите настапуваат во младинските категории на фудбалскиот клуб Вардар. Се работи за Матео и Марко Софијаноски, (2004) Филип Ѓорговски и Дамјан Ќосески (2003), Петар Гугуљанов и Мартин Ѓорѓиевски (2002), Михаил Ристески и Омер Абаз ( 2001).  Уште неколку играчи се на “радарот“ на скаутите и тренерите во ФК Вардар за нивно преминување во црвено-црните генерации.

-Придобивките од лигата се тоа што после секое неделно следење на натпреварите од страна на нашите тренери кои работат во младинските категории беа “скаутирани“ многу квалитетни деца, кои ги приклучивме во нашите генерации. Веќе пристапија вкупно осум деца и тоа по двајца играчи во генерациите родени “2001“ , “2002“, “2003“ и “2004“ година. Покрај нив се следат уште многу деца, но поради тоа што учат уште основно училиште не сме во можност истите да ги земеме. 

Со оглед дека беше пробен проект “Јуниор“ лигата доби преодна оценка кај сите учесници во истата. Турнирите се играа по закажаниот редослед, со навремено пристигнување на екипите и започнување на натпреварите. Покрај тоа на децата им беа обезбедени основните услови потребни за едно натпреварување.

-Впечатоците од првата сезона на “Јуниор“ лигата се одлични. Се помина во најдобар ред како што посакувавме. Организацијата беше на највисоко ниво, што значи секој викенд имаше натпревари каде беа обезбедени судии за истите, доктор, вода, сендвичи за децата кои настапуваа. Знaчи сите работи кои се потребни да функционира лигата и да се дружат децата. 

Целта на ФК Вардар со Јуниор лигата е најдобрите и најквалитетни деца од цела Македонија да бидат дел од најголемиот спортски бренд во Македонија, како и што му доликува на еден клуб како Вардар.

-Значењето на лигата за клубот е големо, поради тоа што моментално под капата на Вардар има 800-1000 деца. Со тоа се зголемени шансите многу повеќе да се скаутираат децата и еден ден да стигнат да настапуваат за првиот тим. За македонскиот фудбал придобивката е што можат да излезат повеќе репрезентативци. Целта на Јуниор лигата е да се донесат што поголем број на квалитетни деца во ФК Вардар и да се зголеми интересот на децата за Вардар и во другите градови ширум Македонија. Да се едуцираат поголем број на тренери од другите градови, а со тоа да се зголеми и квалитетот на фудбалот во Македонија.

Веќе мислите се насочени кон следната сезона, каде се очекува да биде зголемен бројот на школи кои ќе настапуваат ви Јуниор лигата. Така ќе имаме можност да следиме поголем број на натпревари.

-Плановите за следната сезона е уште попрофесионално да се организира регионалната лига. Во план се да се приклучат уште неколку школи, кај кои е зголемен интересот и може да се очекуваат многу интересни и квалитетни  натпревари, како и голем број на талентирани играчи да можат да се видат во секој дел од нашта земја, изјави Сашо Милошевски за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски