Младинците на ФК Вардар имаа успешен старт на сезоната, откако на домашен терен успеаа да ја победат екипата на Победа од Прилем. Избраниците на Деспотовски славеа триумф со резултат 3:1.
Мечот го стартувавме со следниве 11-сетмина: Андов (c), Зендели, Мирчевски, Костовски, Мицевски, Трајановски, Хасановиќ, Цури, Демири, Ристовски, Рушити.
Првиот директен удар кон еден од головите го имаше тимот на Вардар, откако Дамјан Трајановски се обиде директно од корнер да го совлада голманот. Одличен обид, но голманот на Победа не дозволи изненадување и го одбрани ударот. Црвено-црните успеваат први да го отворат резултатот на 1:0, со погодокот на стоперот Далибор Костовски.
На нафрлена топка од корнер во противничкиот шеснаесетник на вистинското место се најде Костовски, кој ја смести топката во мрежата на прилепчани. После отварање на резултатот, екипата на Победа имаше две шанси, од кои едната многу сериозна кон нашиот гол. Сепак на голот го имавме одличниот Матеј Андов, кој со неверојатна интервенција спречи израмнување. Во следната акција, гостите од Прилеп успеваат да постигнат гол и да го израмнат резултатот на 1:1, кој беше актуелен на полувреме. До крајот на првите 45 минути, кај Вардар се обиде Ристовски, но одбрани голманот на Победа.
Во вториот дел, избраниците на Деспотовски успеаа да постигнат два гола и тоа со удари од белата точка. Најпрво беше направен прекршок над Рушити, а одговорноста да шутира ја превзеде Цури кој бие прецизно за предност на Вардар од 2:1.
Бевме подобри во овој дел од мечот и повеќе ја посакувавме победата од противникот. После нафрлена топка од корнер на Ристовски, обид имаше Мицевски кој бие, но одбрани голманот. Две измени во нашите редови, играта ја напуштија Демири и Рушити, на нивно место се Ангелкоски и Кртовци. До крајот на мечот главниот судија покажа уште еден пенал за нашиот тим, откако во противничкиот шеснаесетник соборен беше Хасановиќ. Сигурен реализатор на ударот од белата точка беше Давид Ристовски, за конечни 3:1 на овој прв меч од младинската Супер лига.