Екипата на Њу Старс денес доживеа вистинска „бламажа“ од младинците на ФК Вардар. Истата екипа која пред три дена не елиминираше во 1/4 финалето на Купот денес убедливо загуби од црвено-црните. На натпреварот кој се одигра на „Академијата“ во рамките на 6.коло од младинската супер лига, Вардар го „декласираше“ тимот на Њу Старс со неверојатни 9:0.
Кој само веруваше дека со ваков резултат ќе заврши денешниот натпревар. Избраниците на Ивановски уште од првата минута на натпреварот тргнаа силовито кон голот на противникот. Уште во 10.минута од натпреварот успеавме со голот на Иван Мицевски да поведеме со 1:0. Во 17 минута од мечот видовме нов гол за Вардар, овој пат во листата на стрелци се запиша и Бесар Гуџуфи за предност од 2:0. До крајот на првото полувреме Бесар Гуџуфи ја наполни мрежата на Њу Старс и со неговите погодоци во 24, 30 и 43 минута имавме предност од 5:0, резултат со кој заврши и првото полувреме.
„Немилосрдниот“ Гуџуфи продолжи и во вториот дел да ја полни мрежата на гостите. Едноставно, Њу Старс денес не одигра ништо, па ваквиот пораз на крајот беше и неизбежен. По само три минути игра во вториот дел со петтиот погодок на Гуџуфи го зголемивме резултатот и на 6:0. Не застанавме со нападите, едноставно беше „окупиран“ голот на противникот кој долго ќе го памети овој пораз. Со нов гол на Гуџуфи во 68 минута имавме и водство од 7:0. До крајот на натпреварот два погодоци успеа да постигне и нововлезениот Сулејман Исмаиљи, кој денес беше единствен резервен играч на овој натпревар. Со неговите два гола во 81 и 88 минута ги поставивме конечните 9:0 на натпреварот.
ФК Вардар: Стојковски, Шабани, Симев, Мицевски, Илиевски, Трајановски, Хасани, Гугуљанов (К), Гуџуфи, Мирков, Исени.
Во игра влезе Сулејман Исмаиљи.
Ова беше вкупно четврта победа сезонава за младинскиот состав на Вардар. Со овој триумф се искачивме на второто место на табелата, потиснувајќи ја екипата на Шкупи, која денес во Тетово го загуби дербито од Шкендија.