Фудбалскиот клуб Вардар го одигра и четвртиот контролен натпревар во пресрет на новата натпреварувачка сезона. Вчера на стадионот во с.Црно Буки, црвено-црните на меморијалниот натпревар во чест на „Трајан Кочишки Куља“ успеаа да бидат подобри од екипата на Пелистер.
Победникот беше решен после изведување на ударите од белата точка, откако во регуларните 90 минути заврши без победник 2:2. Радува фактот што во овој подготвителен период, шефот на стручниот штаб, Бобан Грнчаров, им дава шанса на младите играчи кои се наметнуваа и докажуваат со својата игра и пожртвуваност на теренот.
На вчерашниот натпревар во стартните 11, на позицијата десен бек играше Давор Серафимов, кој според информациите оставил добар впечаток, поминувајќи 90 минути на теренот. Во листата на стрелци се запиша Никола Величковски, додека шанса за игра во вториот дел доби и Горјан Цветков. На подготовки со екипата се и Стојилевски и Дошев.
Не е исклучено некој од овие играчи да биде дел од сениорската екипа на натпреварите во ВМФЛ. Секако таа работа ја оставаме на Грнчаров, кој сигурно дека во моментов најдобро знае како ќе изгледа тимот во новата сезона.