Овие денови актуелни се натпреварите во 1.квалификациско коло од Лигата на Европа. Лош ден имаа вчера македонските тимови, кои се збогуваа од Европските натпреварувања, за оваа сезона. Екипите на Работнички и Шкупи, не успеаа да ја поминат првата елиминациска пречка, па останува на Вардар да ја спаси честа на македонските тимови во ЛЕ.
Иако имаа предност од првиот дуел одигран во Скопје (2:1), екипата на Работнички вчера разочара на реваншот во Унгарија и убедливо го загуби дуелот со Хонвед (4:0). Уште по првото полувреме, унгарците ја анулираа негативата, кога на одмор заминаа со водство од 2:0. Ниту Шкупи не успеа да се пласира во следното квалификациско коло, откако не успеа да ги надокнади двата гола негатива од првиот меч одигран во Шкотска, кога загуби со 2:0. Вчера на реваншот кој се одигра на арената “Филип Втори“ тимот на Глазгов Ренџерс кој е предводен од Стивен Жерард, одигра без голови против Шкупи, што им беше доволно за пласман во 2. квалификациско коло.
На Вардар останува да ја спаси честа на македонските клубови и да биде едниствениот кој ќе продолжи со настапите во Лигата на Европа. За да случи тоа треба утре вечер на арената “Филип Втори“ да ја анулираме негативата од 1:0, која ја имаме после првиот одигран дуел во Ерменија, против тимот на Пјуник. Се надеваме на многу подобра игра на црвено-црните, кои треба да докажат дека се поквалитетни од противникот.