Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-19 > Александар Најдоски: Нема зборови кои би го опишале моето враќање во најголемиот Македонски клуб
Александар Најдоски: Нема зборови кои би го опишале моето враќање во најголемиот Македонски клуб

Александар Најдоски: Нема зборови кои би го опишале моето враќање во најголемиот Македонски клуб

Младинците на фудбалскиот клуб Вардар напорно се подготвуваат за почетокот на новата натпреварувачка сезона. Избраниците на Љупчо Марковски ќе ја бранат титулата од лигата, освоена минатата сезона. Екипата не замина на подготовки, па најголем дел од тренинзите беа на новата академија. Младинците одиграа и два контролни натпревари со помалите кадети и на двата дуели издвојуваа победи. Тие во новата сезона која стартува овој викенд ќе влезат засилени за напаѓачот Александар Најдоски, кој всушност по една сезона повторно се враќа во овој клуб. Александар беше дел од црвено-црните во сезоната 2014/2015, по што замина да игра во Австралија во екипата на Синдеј.

-Нема зборови кои би го опишале моето враќање во најголемиот Македонски клуб. Од мал сонував да играм во Вардар и да ги следам стапките на мојот татко Спасе Најдоски, кој исто така ја имал честа да биде дел од клубот. Има голема разлика во фудбалот тука во Македонија и Австралија. Тука се игра од срце и се е многу потешко, како тренинзите, самите натпревари како и да избориш место во стартниот состав на екипата. Во Вардар тренерите имаат играно во овој клуб и во најсилните лиги и многу се работи попрофесионално. Изминатава сезона ја поминав како играч на екипа која во минатото го носела името Сиднеј Македонија. Тука многу се зборува за Вардар и се цени нивната богата историја. Многу деца кои ги познавам во Австралија имаат желба еден ден да дојдат во Вардар и да го носат црвено-црниот дрес. Токму мене ми се исполни и среќен сум што повторно ќе бидам дел од него.

Претстојниов викенд ќе започне новата сезона во младинските лиги. Вардарци во првото коло за противник ќе ја имаат екипата на Академија Пандев. Мечот ќе се одигра во сабота или недела, најверојатно на теренот во населбата Јане Сандански.

-Тренизите се состојат од различни делови, се работи на тактичката игра со и без топка. Тренерот Марковски напорно не подготвува за првиот предизвик во новата сезона. На домашен терен ја пречекуваме екипата на А. Пандев која е наш голем конкурент оваа сезона за освојување на двојната титула, изјави Александар Најдоски за Вардар Фанс.

Од екипата си заминаа Апостоловски, Јовановски, Тасевски, Велкоски и Кремчевски. Како засилувања засега се потврдени Тоше Тодоровски од Металург и токму Александар Најдоски.

Звонко Ивановски