Одново лош и неквалитетен натпревар одигра Вардар, овој пат во Струмица кај екипата на Беласица. Иако Вардар имаше предност и водеше со 0:1, сепак, на крајот одигра само 1:1 и мораше да се задоволи со еден бод.
Почетните 20-сетина минути минаа со блага иницијатива на домаќините кои имаа две добри акции, на спротивната страна, Вардарци во 17. минута имаа едно опасно нафрлување на Барсегјан, но никој од нашите играчи не успеа да ја зафати топката и заврши во рацете на Вујанац. Во 25. минута Барсегјан имаше две големи шанси да постигне погодок. Најпрвин сам ја испомпликува ситуацијата, и наместо да бие дозволи еден противнички играч да му ја избие топката во корнер. По корнерот, Барсегјан се најде во нова шанса, но од 7-8 метри биеше само над голот на домаќинот. До крајот на првиот дел, Вардар не упати ниту еден единствен удар кон голот на противникот, па така со резултат 0:0 се замина на пауза.
Вториот дел започна добро за нашиот тим. Во 48. минута Новак постигна гол за водство на црвено – црните од 0:1. Кратко траеше предност на нашиот тим, веќе во 58. минута домашниот тим Беласица израмни на 1:1 и ги постави работите како на почеток. Во 64. минута опасно се закани Мицевски, неговиот удар заврши за малку над голот на Вујанац. Во 67. минута кај Вардар беше направена двојна замена, надвор од игра излегоа Лира и Цветаноски, а на нивно место влегоа Максимов и Попзлатанов. Во следниот период, се до 80. минута немаше возбудувања и на двете страни. За одбележување беше само замената во 79. минута, кога во игра влезе Талески на местото на Јуфо. До крајот на натпреварот, Вардар се обидуваше да стигне до втор гол, но тешко му одеше, па така со резултат 1:1 заврши дуелот.