Friday ,04 October 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Петар Давидовски: Натпреварот можевме да го добиеме со повисок резултат, но сепак сме задоволни од победата
Петар Давидовски: Натпреварот можевме да го добиеме со повисок резултат, но сепак сме задоволни од победата

Петар Давидовски: Натпреварот можевме да го добиеме со повисок резултат, но сепак сме задоволни од победата

Помладите пионери на ФК Вардар стигнаа и до втората првенствена победа (2:1), откако во саботата на теренот на Академијата ја совладаа екипата на Шкендија. Избраниците на Филип Деспотовски одиграа одличен меч, на кој имаа најголем дел од играта и целосно ја оправдаа улогата на фаворити во пресрет на овој натпревар. Двата гола ги постигна Георг Стојановски, а капитенот Петар Давидовски покажа дека и оваа сезона ќе биде еден од главните играчи, околу кој ќе започнува секоја акција на неговиот тим. Давидовски доста претрча на дербито и беше еден од најактивните поединци, иако честитки за играта заслужуваа секој кој влезе на теренот. Какви се впечатоците од триумфот во дербито можете да прочитате од изјавата на Петар Давидовски, кој смета Вардар бил подобриот тим на теренот и на крајот заслужено стигнал до трите бодови.

-Гледано од мој аспект натпреварот со Шкендија беше многу цврст како и што очекувавме. Шкендија е една цврста и добро уиграна екипа, но ние успеавме да ја надиграме и на крај да забележиме позитивен резултат. Беше тешко цел натпревар да се издржи силното темпо кое го наметнавме, но благодарение на измените кои тренерот ги правеше, останавме константни и концентирани во сите 80 минути. Од победата сум многу задоволен бидејќи, сметам дека противникот е еден од најголемите наши конкуренти за освојување на шампионската титула.

1310

Покрај двата постигнати голови, имавме уште неколку зрели прилики за затресување на противничката мрежа, а имаше и сомнителни одлуки на главниот судија.

-Натпреварот можевме да го добиеме со повисок резултат, бидејќи од страна на судијата не беа досудени два пенали за нас, а имавме и неколки нереализирани шанси во текот на натпреварот, за разлика од противникот кој беше надигран и кој немаше многу прилики за загрозување на нашиот гол. 

Ќе биде тешко да се стигне до трофејот со оглед на големата конкуренција, а Давидовски смета дека Вардар е фаворит за првото место, но дека тоа треба да се заслужи само со добри игри.

-Како најголеми конкурент за освојување на титулата во 2003 генерација ги сметам екипите на Работнички, Шкендија и Академија Пандев. Сметам дека сме фаворити, но сезоната е долга а ние треба да ја задржиме добрата форма и да победуваме на секој натпревар, ако сакаме на крајот од сезоната да бидеме на врвот.

Звонко Ивановски