Денес стартуваше третиот круг на натпреварување кај повозрасните младински категории. Младинците на Вардар повторно за противник го имаат тимот на Њу Старс, кој го совладаа пак високо со резултат 5:1.
Тренерот Тодоровски стартуваше со следниве 11-сетмина: Андов, Радевски, Стојчески, Наумчески, Тасев, Димовски, Ѓорѓиески, Пешевски (c), Божиноски, Велковски, Мустафа.
Вардар имаше целосна доминација во првото полувреме, покрај постигнатите голови имаше уште неколку добри шанси, додека Њу Старс имаше само еден директен удар кон нашиот гол, кој го скроти Андов. Првиот обид го имаа црвено-црните откако Антонио Божиноски се обиде од повеќе од 20. метри, но одбрани противничкиот голман. Се редеа шансите пред голот на гостинскиот тим, следен кој се најде во прилика да го отвори резултатот беше Велковски кој после нафрлена топка од десната страна, стигна до топката биеше од прва, но само над голот. Се обиде и Ѓорѓиески кој шутира во рацете на добро поставениот чувар на мрежата на Њу Старс, како и Мустафа Јусуф кој после додадена топка од Стојчески, шутира покрај голот.
Прашање на време беше само кога ќе постигнеме гол, пред да го отвориме резултатот голема шанса, сигурно и најголема имавме преку Антонио Божиноски, кој од само неколку метри не успеа да го совлада голманот на Њу Старс, одлично додаде Велковски до Божиноски овој имаше чиста ситуација но бие силно над голот, по што остана непропуштена и оваа прилика за гол.
Сепак избраниците на Рап-Тап успеваат во следната акција да постигнат гол и тоа преку Мустафа Јусуф, кој погоди со глава после нафрлена топка од Марко Тасев, за предност од 1:0. Набргу зголемивме и на 2:0, а стрелец на голот е Давид Велковски, кој погоди после добра асистенција од Божиноски. И покрај негативата, Њу Старс остана на својата игра, длабоко повлечен на својата половина и ориентиран на дефанзива. Тоа не беше проблем за вардарци до истекот на првите 45 минути да постигнат и трет гол и тоа втор со Мустафа Јусуф, кој погоди повторно со глава, откако топка од левата страна му нафрли Божиноски, тоа значеше и предност од 3:0.
Првиот удар во вториот дел го имаше Димовски, кој после додадена топка од Божиноски биеше над голот. Избраниците на Тодоровски имаа контрола на играта и во вториот дел и продолжија со својата офанзивна игра. Набргу го зголемивме резултатот и на 4:0 и тоа со хет-трик на Мустафа Јусуф, кој погоди после одлична асистенција од Велковски, на кој му се препишува половина погодок.
Први измени во нашите редови. Играта ја напуштија Димовски, Наумчески и Велковски, на нивно место се Хасановиќ, Кртовци и Петковски. Се обиде и Њу Старс, но одбрани нашиот голман. До крајот на мечот видовме по уште еден гол на двете страни, поради вратена топка од наш игра, Андов ја прибра во рацете, по што беше досуден индиректен удар. Биеше еден од играчите кој во рака го погоди Тасев, по што судијата покажа на белата точка. Сигурено реализираа гостите за намалување на 4:1. Вардар го врати голот во последните две минути кога погоди капитенот Виктор Пешевски, кој ги постави конечните 5:1 на овој дуел. За одбележување е шансата што ја имаше Кртовци, но одбрани голманот.