Генерацијата на фудбалскиот клуб Вардар родени “2002“ година од денес до сабота ќе учествуваат на првото издание на меморијалниот турнир “Филип Лазаревски 2018“, во чест на младиот фудбалер кој трагично загина минатата година на 14-ти април, на патот Банско-Габрово. На турнирот ќе се натпреваруваат вкупно шест екипи, поделени во две групи.
Вардарци се наоѓаат во групата Б, заедно со екипите на Лудогорец и Беласица, додека во групата А се Академија Пандев, Реал Ниш и селекцијата на ФФМ која е составена од играчи родени “2003“ година.
Турниот во 13:00 часот ќе го отворат екипите на Академија Пандев и ФФМ, додека следниот меч на програмата е од 15:00 часот, а во истиот ќе се сретнат екипите на Вардар и Беласица од Струмица. Во текот на утрешниот ден, избраниците на Сашо Тодоровски ќе го одиграат и вториот натпревар на турнирот, противник е тимот на Лудогорец, дуел закажан да започне од 12:00 часот. Во петок Вардар е слободен, додека во сабота ќе се одиграат завршните натпревари на турнирот. Првите две пласирани екипи од групите ќе играат во финалето на првото издание на меморијалниот турнир “Филип Лазаревски 2018“.
Саатници за завршните мечеви кои се на програмата во сабота:
за 5-то место 09:00
за 3-то место 11:00
за 1-во место 13:00
Сите мечеви ќе бидат одиграни на Општинското фудбалско игралиште со вештачка трева во градот Струмица, а организатор е ФК Академија Пандев, кој најавува дека турнирот ќе прерасне во традиција во наредните години во чест на Филип Лазаревски.