Фудбалскиот клуб Вардар вечерва одржи прес-конференција за утрешниот натпревар, во рамките на третото квалификациско коло од лигата на шампионите. На арената “Филип Втори„ ќе гостува екипата на Копенхаген. После елиминацијата на Малме, пораснаа “апетитите„ кај нашиот шампион дека може да се елиминира уште еден голем противник. На денешниот прес, пред медиумите се обрати, шефот на стручниот штаб, Гоце Седлоски.
-Како Малме, така и Копенхаген, секоја година играат во ЛШ или ЛЕ. Доста квалитетен противник, добро го анализиравме. Знаеме што не чека. Го респектираме противникот, но ние се гледаме самите себе. Треба да дадеме максимум. Да го засилиме темпото од претходните два меча против Малме. Со помош од нашата публика во овие 90 минути да дојдеме до поволен резултат. Ќе почнеме офанзивно, нема да се браниме.
Капитенот Грнчаров, напомена дека Вардар нема да се брани и дека ќе се обиде да стигне до победа.
-Добро го анализиравме Копенхаген. Се работи за квалитетна екипа, со корпулентен напаѓач, кој е нивната најголема опасност. Вардар утре треба да нападне, никако не смее да се брани. Играме сепак пред наша публика. Ако успееме да постигнеме гол повеќе од Копенхаген и таму да заминеме со гол повеќе, ќе биде навистина добро за нас. Не треба да му дозволиме на противникот да игра внатре во нашиот шеснаесетник, затоа што тие се најопасни таму. Треба да ги држиме надвор од него“