Прва победа во новата натпреварувачка сезона во регионалната-скопска лига за генерацијата на ФК Вардар родени “2003“ година. Избраниците на Петрески денес на теренот во Ѓорче, беа подобри од екипата на Македонија Ѓ.П, која ја совладаа убедливо со резултат од 6:1
Тренерот Петрески стартуваше со следниве 11-сетмина: Стојковски, Трпезановски, Ѓорѓоски, Мешковски, Маркоски, Давидовски, Јовановски, Сељанац, Петрушевски, Андрески, Прелоговски.
Вардар го отвори резултатот со голот на Димче Мешковски, кој прв ја погоди мрежата на противникот, за водство од 1:0. Црвено-црните доминираа на теренот и имаа поголем посед на топка, како и шанси по голот на домашната екипа. Стигна и вториот гол во нивната мрежа, кога Лео Андрески погодува за предност на Вардар од 2:0. До крајот на првото полувреме, противникот успева да постигне гол и да го намали резултатот на 2:1, со кој се замина на одмор.
Вардар не оставаше ништо на случајноста и покажа дека е далеку подобра екипа. Следуваа два гола по ред на Александро Прелоговски, со кои црвено-црните поведоа со 4:1. Македонија Ѓ.П речиси и да не закани во овој дел од натпреварот, а Вардар успеа да постигне уште два гола до крајот на натпреварот. По втор пат во листата на стрелци се запиша и Андрески, за водство од 5:1, додека точка на натпреварот стави Дарио Јовановски, кој со својот прв гол ги постави конечните 6:1.
Ова беше прв триумф во новата сезона за шампионската генерација “2003“ која е актуелен освојувач на лигата и купот на Македонија. Во првото коло на домашен терен ремизиравме со тимот на Работнички.