Помладите пионери на ФК Вардар со триумф го стартуваа вториот натпреварувачки круг во лигата. Втор пат сезонава убедливо успеваме да го победиме тимот на Еуроспорт Куманово, овој пат со резултат 9:0.
Тренерот Стефановски го започна натпреварот со следниов состав: Филевски, Серафимов, Стојилевски, Кулуковски, Јовановски, Величковски (К), Цветков, Курти, Кузмановски, Таневски и Цикарски.
Вардарци имаа целосна доминација и посед на топка на овој натпревар, додека противникот во првото полувреме немаше ниту еден директен удар кон голот на Филевски. Игравме колку што е потребно за да се освојат нови бодови, со кои ќе останеме на првото место на табелата во помладата пионерска супер лига. Во првиот дел момците на Гаге ги искористија своите шанси, па на одмор заминаа со предност од 3:0. Пред да го отвориме резултатот првиот директен удар го имаше Величковски кој шутираше крај голот на гостинската екипа. Веќе во следната акција, капитенот Никола Величковски успеа да ја затресе мрежата на Еуроспорт, откако биеше прецизно со лева нога од неколку метри, за предност од 1:0. Целата игра се одвиваше на противничката половина, а Еуроспорт не успеа да создаде ниту една сериозна шанса. Кај нас се обиде Цикарски кој биеше крај голот, додека следниот наш удар заврши во мрежата. Од корнер центар шут упати Цветков, топката во шеснаесетникот со глава ја зафати повратникот во тимот, Арбин Курти кој зголеми на 2:0.
Имавме уште неколку прилики да го зголемиме резултатот, најпрво од левата страна Величковски сврте топка до Цветков Горјан кој бие од прва над голот, додека после една добра акција во која учествуваа Кулуковски и Величковски, завршниот удар го имаше Кузмановски, но обидот остана без реализација. Во последната минута од првото полувреме, Вардар зголеми на 3:0, со вториот гол денес на Никола Величковски, кој во противничкиот шеснасетник беше најумешен откако доби топка од Курти, нашиот капитен погоди за предност од 3:0 по првото полувреме.
Во својата прва акција во второто полувреме, Вардар успеа да го зголеми резултатот на 4:0. Во листата на стрелци се запиша Михаил Кузмановски, кој погоди на додавање од Курти. Шансите пред голот на Еуроспорт се редеа и во вториот дел од натпреварот, следен кој погоди беше Арбин Курти за 5:0, на асистенција од Јовановски. Следеше и хет-трик на Никола Величковски за 6:0, кој во шеснаесетникот биеше силно, голманот на гостите ја зафати топката, но недоволно да не заврши во неговата мрежа. Во овој дел од натпреварот противникот имаше само еден директен удар и тоа од слободен удар, кога еден од нивните играчи за малку биеше над нашиот гол.
Во игра кај Вардар влегоа Николовски, Спасиќ, Петровски и Радевски. Токм нововлезениот Тино Спасиќ стрелаше за 7:0, во акција во која учествуваше и Андреј Петровски, кој биеше прв, одбрани голманот, за момент, но на одбиена стигна Спасиќ кој се запиша во листата на стрелци. До крајот на натпреварот постигнавме уште два гола, истите беа дело на Тино Спасиќ за 8:0 и конечните 9:0 ги постави Филип Јовановски, на уште една асистенција од Петровски Андреј.
Со овој триумф, помладите пионери на Вардар ќе останат лидери во лигата, после одигрување на 12 коло, со кое стартуваше вториот круг.