Второто официјално засилување кое денес го презенираше ФК Вардар е Дарко Мицевски. Овој 26-годишен играч за врска, денеска се договори со раководството на нашиот клуб за соработка во следната година, со можност договорот да биде продолжен на уште две години. Тој зад себе има долга интернационална кариера, настапувајќи во екипите на ОФК Белград, Нови Пазар, Слобода Ужице, во Минск, а во нашиот клуб доаѓа од редовите на Ал-Неџмех од Либан. Од нашите клубови настапувал во Работнички и во Тетекс. Тој е поранешен младински репрезентативец на нашата земја, со тоа што сите младински категории ги минал токму во дресот на Вардар.
„Чест ми е и задоволство што ќе играм во дресот на Вардар. Понудата ја прифатив без размислување, и во следниот период ќе дадам се од себе прво да се наметнам и да ја оправдам довербата, а потоа да атакуваме на двојната круна. Малкумина знаат дека јас потекнувам од овој клуб, играв во сите младински категории во Вардар, и ми е многу драго што повторно се враќам во клубот во кој настапував како дете. Од Вардар секогаш се бараат само успеси и само титули. Исто така очекувам успешно да го презентираме клубот и во Европа, како што тоа беше минатата сезона кога Вардар се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа. Прво треба да се изгради екипата, да се воигра добро, а потоа сите заедно да дадеме се од себе да донесеме успех за тимот“, изјави Мицевски.
Мицевски добро се познава со дел од новите соиграчи, како и со нашиот шеф на стручниот штаб со кого беа заедно во младинската селекција на нашата земја.
„Тоа што се познавам со добар дел од играчите од Вардар, ќе ми помогне брзо да се адаптирам во новиот клуб. Исто така имам соработувано и со Бобан Бабунски, кој ме тренираше во младата репрезентација, и имам одлично мислење за него, имам. Добро се познаваме, ја знам неговата филозофија, знае и тој што можам јас, каде најдобро ќе одговорам на предизвикот, и тоа ќе ми биде од голема помош. Сега на мене останува само да тренирам, да се наметнам и се надевам на успеси во иднина“, рече Мицевски.
Добродојде назад во Вардар, Дарко!