Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-18 > Втора последователна победа за кадетите на ФК Вардар, голот на Манасиевски доволен за триумф против Брегалница
Втора последователна победа за кадетите на ФК Вардар, голот на Манасиевски доволен за триумф против Брегалница

Втора последователна победа за кадетите на ФК Вардар, голот на Манасиевски доволен за триумф против Брегалница

Кадетите на ФК Вардар стигнаа до втората последователна победа во пролетниот дел од сезоната. Утрово на теренот на Академијата, вардарци ја победија екипата на Брегалница, со резултат 1:0.

Тренерот Петрески стартуваше со следните 11-сетмина: Китановски, Манасиевски (c), Бојковски, Ѓурковски, Николов, Митревски, Цури, Мирчевски, Игнатов, Ристовски, Спировски.

Во најголем дел од првото полувреме црвено-црните ја имаат топката во свој посед, креираа акции и шанси, од кои една успеавме да ја реалзиираме. Можевме порано да го отвориме резултатот, но ни беше поништен гол поради офсајд позиција, додека на спротивната страна врати Брегалница со удар покрај нашиот гол. Избраниците на Чунга Лунга имаа целосна иницијатива, но длабоката повлеченоста на играчите на Брегалница на својата половина, не ни даваше многу прилики за да го загрозиме нивниот гол. Ристовски се обиде, но одбрани гостинскиот голман, како и една мешаница во противничкиот шеснаесетник, која противничките играчи ја расчистија. Сепак Вардар беше упорен да го отвори резултатот и тоа се случи, кога водство на Вардар од 1:0 му донесе капитенот Филип Манасиевски. На голот претходеше удар на Мирчевски, кој голманот само за момент го скроти, одбиената топка стигна до Манасиевски кој ја смести во мрежата на Брегалница. Иако гостинот беше во негатива, сепак не помисли да се повлече од својата половина, беа решени дека таквата игра може ќе им донесе подобар резултат. До крајот на првото полувреме ќе ги одбележиме ударите на Игнатов кој шутира покрај голот, како и на Ѓурковски, чиј удар го одбрани голманот на Брегалница. По првите 45 минути резултатот е 1:0.

Првиот удар во вториот дел го имаше Леонид Игнатов кој биеше над голот на Брегалница. Први измени во нашите редови, на местото на Цури и Мирчевски во игра се Петејчук и Хасановиќ. Ништо не се смени, ниту во второто полувреме, Вардар постојано напаѓаше, додека Брегалница се обидуваше да изненади од контра-напади. Се закани гостинската екипа, но одбрани нашиот голман, Кристијан Китановски. Уште еден удар за штипјани, овој пат од прекин, но топката оди над голот. Трета измена направи тренерот Петрески, од игра го повлече Бојковски, на неговото место е Зендели. Денес Игнатов немаше среќа да постигне гол, иако претрча многу и се најде неколку пати во можност да погоди, имаше нов обид, но голманот одбрани со крајни напори. Во игра кај Вардар влезе и Ангелковски, на местото на Ристовски. Голема прилика за зголемување на резултатот имаше Мартин Спировски, откако целата акција започна со дегажман на голманот Китановски, топката стигна до Николов, овој од својата половина повлече, додаде до Спировски, кој биеше од прва, но голманот на Брегалница успешно одбрани. Во игра влезе и Поповски, на местото на Николов. До крајот обид и за Хасановиќ, но брани голманот. Судијата отсвири крај, победа минимална за Вардар од 1:0.

Ова беше вкупно шестта победа за кадетите кои играат добро во есенскиот дел, а втор триумф за новиот предводник од клупата, „Чунга Лунга“.