Нови победи за генерациите “2007“ и “2008“ на ФК Вардар, на турнирот “Пирин куп“ кој се игра во градот, Сандански ( Бугарија).
После победата против Локомотив Софија, нашите надежи родени 2007 година во второто коло за противник ја имаа екипата на Марек Дупница, која ја совладаа со резултат од 4:0. По првото полувреме исто така имавме предност од 2:0. Уште еден одличен меч за избраниците на Томче Трајановски, кои одиграа добро во текот на сите минути. Четири различни играчи се запишаа во листата на стрелци на овој натпревар. Борјан Томовски, Стефан Младеновски, Злате Радески и Никола Јовановски успеаа да ја погодат противничката мрежа. На голот на овој дуел беше Јовица Спасовски. Во текот на утрешниот ден ќе играме против екипата на ОФК Софија.
Втор триумф во текот на денешниот ден и за помладата генерација “2008“ која ја забележа најубедливата победа. Избраниците на Павел Неделковски беа подобри во дуелот со екипата на Витоша од Софија, триумфирајќи со резултат од 10:1. По првото полувреме ја најавивме победата, кога имавме водство од 4:0. Во овој дел од мечот два гола постигна Коста Бошковски, додека по еден гол беа дело на Стефан Марковски и Ненад Дамјаноски. И во вториот дел продолживме да ја полниме мрежата на Витоша, а свое гол шоу имаше Матеј Киш кој постигна хет-трик. Во листата на стрелци се запиша и Стефан Бранковски со два гола, додека еден беше дело и на Арти Азизи.
Утре не очекува дуел, последен во групната фаза, против екипата на Хасково.