Во сабота и недела ќе се одигра 16 коло во првенството на младинските фудбалски категории. Противник за генерациите на Вардар ќе биде екипата на Победа од Прилеп. Пионерските екипи во недела гостуваат во Прилеп, додека кадетите и младинците се домаќини во сабота, на теренот во населбата Јане Сандански.
Дербито ќе се одигра кај помладите пионери, со оглед дека прилепскиот тим кај оваа генерација високо котира на врвот на табелата, додека вардарци се неприкосновени и се уште не знаат за пораз во оваа натпреварувачка сезона. Избраниците на Рап-Тап имаат 14 победи и само 1 нерешен резултат и се наоѓаат на првото место со голема бодовна предност пред останатите. Во есенскиот дел, црвено-црните на домашен терен го совладаа својот следен противник со резултат 2:0, откако во второто полувреме отпорот на Победа го скрши капитенот Далибор Костовски кој постигна тогаш два гола. Мечот во недела започнува од 12:00 часот.
Натпревар на гостински терен ќе одиграат и повозрасните пионери против врсниците од Победа. Радува фактот што избраниците на Петар Георгиевски имаа добар старт на пролетниот дел, кога во дербито на домашен терен беа подобри од Пелистер, триумф кој им дава мотив и поттик да продолжат со добрите резултати и во продолжение од сезоната. Уште поголема причина имаат нашите надежи да слават, со оглед дека првиот натпревар во Скопје го загубија минимално, со резултат од 0:1. Вардар се уште не е откажан во борбата за трофејот кај оваа генерација и доколку слави на овој меч ќе има шанса да се искачи место погоре на табелата. Дуелот во недела кај оваа генерација ќе се одигра од 14:00 часот.
Кадетите и младинците ќе “бркаат“ први пролетни победи, со оглед дека одиграа само со нерешен резултат во првото пролетно коло, на гостувањето во Битола. И покрај ремито, кадетите остануваат во борба за трофејот, додека младинците речиси и да се отпишани за можно освојување на првото место на крајот од сезоната, нивните шанси се сведени само на теорија. Првите дуели во Прилеп, во кадетската конкуренција завршија со резултат 1:1, односно во младинска со триумф на Победа од 3:2. Клубот ја промени тактиката и ова коло ќе го одигра на теренот во населбата Јане Сандански, кога всушност и почетокот на сезоната ја стартувавме на истиот терен, а потоа се префрливме како домаќини на теренот на Академијаа. Дали тоа ќе доприносе за подобри резултати останува да видиме понатаму. Натпреварите во сабота започнуваат од 11:00 и 13:00 часот.