Изминатиов викенд започна и третиот последен круг на натпреварување, или 19.коло во првенството на младите фудбалки категории. Вардарци за противник ја имаа екипата на Њу Старс, дуели на кои остваривме три победи и еден нерешен резултат.
Пом.пионери на ФК Вардар стигнаа и до петтата последователна победа во пролетниот дел од сезоната, вкупно 14 во рамките на помладата пионерска супер лига. Еден гол го реши мечот против екипата на Њу Старс, а истиот го постигна Георг Стојановски во првото полувреме, кој на крајот се покажа и како единствен на овој меч. Инаку избраниците на Деспотовски стигнаа и до третиот последователен триумф во дуелите со овој противник за само десеттина дена. Најпрво ги совладавме високо во рамките на првиот меч од полуфиналето на купот (7:0), за потоа да одиграме два меча во лигата и тоа на гостински терен, кои ги добивме со резултат 0:2 и 0:1, а следниот меч на вардарци интересно повторно е против истава екипа, во рамките на реваншот од полуфиналето на националниот куп. Што се однесува до табелата, нема промени и после одигрување на ова коло. Вардар ја задржи првата позиција со три бода предност пред екипата на Победа, која исто така славеше во ова коло, против екипата на Шкупи, на меч одигран во Прилеп. Токму Вардар и Победа до крајот на сезоната ќе се борат за титулата, со оглед дека се далеку пред другите екипи.
Пионерите на Кралевски се вратија на победнички колосек, откако го добија гостинскиот дуел против Њу Старс и тоа многу убедливо (0:4). Мартин Радуловиќ-Величковиќ имаше свој ден постигнувајќи хет-трик, додека еден гол беше дело на левиот бек, Али Асани. Ова беше 12 победа во лигата за црвено-црните, со која ја задржаа лидерската позиција. После ова коло, Вардар има вкупно 41 бод, или шест повеќе од екипите на Шкендија, Академија Пандев и Работнички, но градскиот ривал има натпревар помалку за одигрување. Во полза на вардарци во ова коло беше поразот на Шкендија од екипата на А.Пандев.
Кадетите ниту трет пат сезонава не успеаа да излезат како победник во дуелите со Њу Старс, но барем стигнаа до првиот бод сезонава во мечевите со овој противник, кој претходно не победи во два наврати. Иако имавме предност, сепак вардаровите кадети не издржаа, па на крајот моравме да се задоволиме со поделба на бодовите (2:2). И после ова коло остануваме на 6.место на табелата со 22 освеони бодови. Во оваа категорија гледаме неизвесна борба за титулата помеѓу екипите на Шкендија и Македонија Ѓ.П, само три бода е разликата во корист на тетовчани.
Младинците на ФК Вардар немаа проблеми да стигнат до 16.триумф сезонава, но и ниту нивниот најголем противник за титулата, екипата на Шкендија никако не дозволува да загуби бодови. Вардар победи со 5:1, исто толку голови и Шкендија и даде на А.Пандев, па и после ова коло бодовната разлика остана осум плус во корист на ривалот кој остана со максимален број на освоени бодови.
Во следното коло 20. коло за противник ја имаме екипата на Брегалница. Пионерските екипи се домаќини, додека кадетите и младинците ќе гостуваат во Штип.