Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Арти Азизи: Очекувам заедно со соиграчите и тренерот Неделковски повторно да бидеме шампиони во детската лига, како и да продолжиме со меѓународни успеси и трофеи
Арти Азизи: Очекувам заедно со соиграчите и тренерот Неделковски повторно да бидеме шампиони во детската лига, како и да продолжиме со меѓународни успеси и трофеи

Арти Азизи: Очекувам заедно со соиграчите и тренерот Неделковски повторно да бидеме шампиони во детската лига, како и да продолжиме со меѓународни успеси и трофеи

Арти Азизи е дел од Вардаровата генерација родени “2008“ година и веќе втора сезона го носи црвено-црниот дрес. Со Вардар успеа минатата сезона да ја освои детската лига во својата возрасна генерација и да стане шампион на Македонија. Успеа да заврши како втор најдобар стрелец и да биде еден од важните играчи во постигнување на овој успех. Оваа сезона исто така игра одлично и со 26 постигнати голови е најдобар стрелец на генерацијата “2008“ во есенскиот дел од сезоната. Ужива голема доверба кај тренерот Павел Неделковски и е еден од најдобрите голгетери на оваа генерација. Располага со силен удар, чуство за допир на топка и постигнување на голови. Физички силен во дуелите со противничките играчи, кој често знае да помогне и во одбраната на своите соиграчи, тоа е играч кој речиси ги има сите особини, кои се потребни за еден млад фудбалер на негови години. Во следново интервју можете да прочитате се за овој млад и талентиран играч на Вардар, ви го претставуваме Арти Азизи.

1. На колку години започнавте да играте фудбал и што беше пресудно да се одлучите за овој спорт, што беше она кое најмногу ве привлече кон фудбалската топка ?

26168463_1556574241056083_4194221804406470331_n

-Моите родители ми кажуваат дека уште од малечок многу сум го сакал фудбалот. Дури пред да проодам, држејќи ме за раце сум сакал да шутирам фудбалска топка и многу сум се радувал на тоа. Гледајќи ја мојата голема желба и посветеност на времето кон фудбалот, моите родители од мојата четири и пол годишна возраст ме запишале во фудбалска школа. Значи мојата желба за фудбалот потекнува од мојата душа, а додека сакате нешто како што растете, така и се повеќе се интересирате за тоа. Па така, со тек на време почнав да се интересирам за имиња на фудбалски звезди, фудбалски клубови и воопшто за се поврзано со фудбалот.

2. Која е првата фудбалска школа каде започнавте да тренирате и од кои тренери имавте можност да ги учите првите правила во фудбалската игра ?

-Есента во 2012 година се запишав и започнав да тренирам во фудбалскиот клуб “ДРИТА” од Боговиње. Мој прв тренер беше професорот по физичко воспитување, Љупчо Перински од Тетово , а помошни тренери ми беа Ардиан Имери и Арѓенд Рамадани од Боговиње. Интересна ми и случката кога првпат ме однел дедо ми на тренинг, и кога тренерот му кажал дека сеуште сум мал и не смее да ме прими заради моја безбедност.

vardarfans-azizi

-Јас сум го следел разговорот внимателно, и сепак сум го замолил дедо ми дека влегувам под мој ризик што и да се случи. Сепак, било тешко да се превземе таков ризик, но гледајќи ја во мене големата желба да влезам, тренерот одлучил да ме проба со другите поголеми од мене деца по две и повеќе години. Откако сум влегол на терен, од тој ден заинтересираноста на тренерите и клубот за мене беше од ден на ден се поголема. Јас воедно успеав да се вклопам во тренинзите и натпреварите, и не ми сметало да се соочам со повозрасни деца од мене, дури ми беше предизвик тоа цели 4 години се додека настапував во дресот на ФК “Дрита” во Регионалната Полошка Детска Лига.

3.Ова е ваша втора година во дресот на Вардар, како се случи да дојдете во најголемиот клуб во Македонија ?

-Откако веќе се истакнав во игра на секој натпревар против големите клубови како Шкендија, Ренова, Тетекс, Гостивар и други, кога веќе ги надминав со квалитет на игра и постигнати голови децата од Полошкиот Регион, тогаш превземав чекор за нареден предизвик да ми биде најдобриот фудбалски клуб во Македонија, т.е “Вардар”, каде што моите родители сметаа дека во “Академија Вардар” ќе можам да научам за фудбалот повеќе од претходно.

vardarfans-sampioni-na-detska-liga

4. Минатата сезона иако дојдовте после неколку одиграни кола во детската лига, сепак на крајот успеавте да завршите како втор најдобар стрелец во својата генерација. Дали очекувавте дека брзо ќе се вклопите во системот на игра на тренерот Неделковски и дека веднаш со Вардар ќе станете шампиони на Македонија ?

-Во “Академија Вардар” сум втора година како што тренирам и настапувам за дресот на црвено-црните. Го паметам мојот прв настап на тренинг во Академијата, кога при тренингот со рекреативците, повеќе тренери на “Вардар” ги видоа моите фудбалски способности и ме повикаа за директно од утредента да се приклучам во групата каде што сум сега, во првата екипа на избрани деца. Првата сезона (2016/17) јас дојдов покасно, кон крајот на есента 2016, откако веќе беа започнати утакмиците (некаде петто или шестто коло), но сепак успеав да постигнам толку голови за да бидам втор на листата на вардарови стрелци за 2008 генерација. Не треба да се заборави дека во 2017, како добро организиран тим, на ФФМ успеавме да ги совладаме сите екипи од Македонија и да го освоиме првото место на државно ниво во рамките на нашата генерација.

5. Успеавме да го освоите високото второ место на турнир во Нови Сад, каде во финалето бевте поразени од врсниците од Ц.Ѕвезда. Можете ли да ни ги изнесете вашите впечатоци од овој турнир на кој настапија многу силни екипи од балканот и што е тоа што научивте од учеството на истиот ?

vardarfans-turnir-vo-novi-sad

-На Меѓународниот Детски Фудбалски турнир во Нови Сад кој се одржа во 2017 година, успеавме да стигнеме до второто место и сребрениот медал. Мојот впечаток за нашиот настап таму е дека успеавме како екипа да научиме многу нови нешта за фудбалот: дека само со добра колективна игра и голема дисциплина може да се постигнат добри резултати; дека на квалитетен натпревар нема многу постигнати голови како што сме научени во нашата лига; дека моралот на сите играчи мора да биде на високо ниво независно од моменталниот резултат сé до крајот на натпреварот. Ова последното, го велам поради фактот што на финалето со Црвена Звезда, првото полувреме заврши во наша полза со два гола разлика, додека во второто полувреме нешто паднавме и се опуштивме премногу за да на крај ја изубиме утакмицата и првото место на турнирот воедно. Сепак, тоа се големи и квалитетни фудбалски школи прочуени во нашето Балканско поднебје и ние со нашиот настап таму покажавме дека можеме да бидеме рамо до рамо со нив во однос на квалитет, уште повеќе што ги победивме големите клубови како Партизан, Војводина, Рад, итн. Очекувам во иднина менаџментот на клубот да ги следи големи меѓународни турнири и подалеку од нашиот регион за да ние како деца во дресот на Вардар учествуваме како тим, и да донесеме во Македонија многу медали а воедно да научиме и нови нешта од соочувањето со подобрите од нас.

6. Во есенскиот дел од сезоната вие сте најдобриот стрелец на вашата генерација, дали очекувате на ова место да завршите и на крајот од натпреварувачката сезона 2017/18 ?

-Ова е втора година за мене во “Академија Вардар”, сега-засега до распустот (значи есенскиот дел од оваа сезона), според евиденцијата имам постигнато најмногу голови во дресот на ФК “Вардар” за 2008 генерација, па ќе видиме што ќе биде до завршување на пролетната сезона за 2018.

vardarfans-arti

7. Какви се условите за работа на академијата и дали клубот ги има сите неопходни работи за правилен тренажен процес на играчите. Што е она што треба да се воведе како ново или да се додаде во работата на младинските категории во клубот ?

-Генерално, задоволен сум од условите за работа во “Академија Вардар”, односот на тренерите и соработката со моите колеги и пријателчиња од мојата и поголемите генерации. Сепак, секогаш ќе треба уште повеќе да се работи, подобро да се координира, и да ни се отвараат поголеми врати за настап на европско ниво и за нас детските фудбалски генерации. Ако сакаме поголеми успеси не смееме да се задоволиме само со тоа што сме први и најдобри во Македонија, предизвик мора да ни бидат поголемите и поуспешните европски и светски клубови, во однос на организацијата, техничката и стручна подршка, условите за работа, вложениот труд и менаџирањето на активностите во клубот.

8. Дали Арти има омилен клуб за кој навива и свои фудбалски идоли ?

-Како љубител на фудбалот, најмногу го следам Шпанскиот, Англискиот, Германскиот и Италјанскиот фудбал. На ниво на македонски фудбал се подразбира дека навивам за “Вардар”, а на меѓународно ниво мој омилен фудбалски клуб е “Барселона”. Додека пак, за мои омилени играчи од денешно време има повеќе: Меси, Роналдо, Неимар, Бејл, Погба, Рамос, Дибала, Гризман, Хазард и други.

vardarfans-druzba

9. Кои се вашите очекувања во новата 2018 година, што се сакате да постигнете со вашата екипа ?

-Очекувам заедно со моите Вардарови генерациски соиграчи, како тим под водство на тренерот Павел Неделковски, пак да го освоиме првото место на завршниот турнирот на ФФМ в0 детската лига, и да продолжиме со меѓународни успеси и трофеи. Исто така, очекувам да бидеме добро пласирани и на настапот на следниот Меѓународен Детски Турнир кој ќе се одржи во втората недела на месец Фебруари 2018 во Сандански (Бугарија).

Звонко Ивановски