ФК Вардар втора година по ред не доби лиценца за настап во квалификациите. По тој повод, со остра реакција се јави „Екипа ПИВО – ФКВ”.
Ви го пренесуваме нивното соопштение во целост:
Официјално уште една сезона пропадната. Можеби треба Грне да објави некој статус, па да видиме барем некаква реакција од управата на Вардар.
Одговорност секако дека нема да сносни никој. Бидејќи нема кој да побара одговорност, а и тие кои го доведоа Вардар до оваа ситуација, мува не ги лази. „Армијата навивачи“ на Вардар е само позади тастатурата и мобилните телефони, но не и на стадион, кадешто и треба да биде. Таква „армија“ не му е потребна на ниеден клуб. Дури ниту на оние ропаците кои се ситат на оваа ситуација. Ним поголем мерак им се прави кога Вардар пропаѓа, отколку кога нивните малечки клубови напредуваат. Тотално небитни.
Џабе се секакви маршови сега. Или можеби маршот е наменет за следната сезона? Сеедно, на маршот сигурно дека „армијата“ ќе излезеше, но со притискање going на FB.
Вардар полека си тоне, скоро и да потона, а за тоа никој нема да сноси одговорност. Тука би ги споменале и вработените во клубот, како и стручниот штаб и играчите, посебно капитенот, кој секогаш кога ќе излезеше во јавноста некоја негативна вест околу Вардар, се појавуваше со некој негов статус на социјалните мрежи и објаснуваше како Вардар е едно црвено-црно семејство, дека ќе има добра иднина, само треба трпение и слични приказни. Можеби и самиот тој беше дел од оваа игра? Не можеме да знаеме, но сепак е доволно да се посомневаме, бидејќи не видовме никакви реакции ниту од играчите, ниту од стручниот штаб, а уште помалку и од другите вработени во клубот кон надлежните во клубот, кои не заслужуваат ни да бидат споменати.
Секоја чест на Тетовче и неговите играчи за оваа сезона, но сепак, можеби требаше да покажат заби, да се бунтуваат некако, за што би им дале мотив на сите оние кои им значи Вардар да застанат позади нив и да ги поддржат за нивно, но и за доброто на клубот. Сега ќе биде џабе и титулата да ја доделат.
Покрај целава ситуација, можеби ќе видиме некој пост „На денешен ден“, бидејќи тешко дека би добиле нешто повеќе. Можеби некоја оставка, ако ништо друго…