Пионерите на ФК Вардар на најдобар можен начин се вратија на победите во првенството, откако на гостински терен го совладаа еден од конкурентите за трофејот, екипата на Работнички. Црвено-црните беа подобри на теренот и славеа со резултат 1:3, победа која им дава поттик во продолжение од есенскиот дел на сезоната. Голманот на Вардар, Матеј Величковски се наоѓа во одлична форма, откако одбрани два пенали против истава екипа во купот, како и на гостувањето кај екипата на Ренова. За нашиот сајт ја прокоментира победата против градскиот ривал и ги искажа очекувањата за наредните натпревари.
-Секогаш натпреварите против екипата на Работнички се дерби натпревари. Одигравме добар натпревар и креиравме доста шанси. Влеговме со огромна желба за победа и голем мотив бидејќи со победата се приближивме на само бод до првото место. Ова беше втор дуел во 10 дена против екипата на Работнички. Првиот несреќно го загубивме на пенали иако во регуларниот дел игравме добро и креиравме доста шанси, сепак ни фалеше среќа во текот на натпреварот. За победата во овој дуел пресудно беше тоа што влеговме со поголема концентрација и навреме ги искористивме шансите за гол кој што ги створивме преку одличната игра. Како и на куп натпреварот така и на овој создадовме многу шанси, но овој пат истите беа реализирани и среќата беше на наша страна.
Оваа генерација ја брани титулата од минатата сезона, кога успеаа на убедлив начин да стигнат до првото место.
-Во продолжението на сезоната може да очекувате доста победи, бидејќи оваа генерација е желна за повторување на успехот од минатата сезона.
Звонко Ивановски