Фудбалскиот клуб Вардар денес одржа прес-конференција на која покрај претставување на Најдоски како технички директор на клубот, остро реагираше на цените за изнајмување на арената “Филип Втори“ за натпреварите на Вардар во рамките на лига Европа. Според нив, вчерашниот натпревар против Зенит, Вардар го чинел околу 40.000 евра. На спортскиот директор на клубот, Дарко Панчев изјави дека наместо да им се помагаат на клубовите во Македонија, тие ги бркаат.
-Целта на државата, на градот и на сите институции е да ги помага спортските клубови, а не да ги брка од стадионот. Со ваков потег се бркаат клубовите. Денес е Вардар, утре може да биде некој друг македонски клуб. Претпоставувам дека да се закупи и некој поголем светски стадион за ваков меч, не чини толку. Не ни е јасно, зошто тие го направија тоа. Јас како поранешен спортист можам да кажам дека така не се помагаат и стимулираат клубовите. Се надевам дека ќе ја сфатат грешката и дека ќе застанат зад нас, изјави Панчев.
За поразот против Зенит, Панчев изјави дека ова е ново искуство за екипата и дка ќе работат да се претстават во подобро издание на следните мечеви.
-Јас сум роден победник и тешко ми падна вчерашниот пораз. Но, мора да се признае дека Зенит беше подобар и заслужено победи. Тоа е што е, но момците и покрај овој резултат, заслужуваат поддршка. Затоа што да не заборавиме што направија и дека елиминираа еден голем клуб. Ова беше прво искуство за клубот. Но, ќе работиме за да се претставиме добро во следните натпревари, како и да го подигнеме квалитетот на екипата за понатаму. Јас сум убеден дека Вардар ќе биде уште подобар во иднина, истакна Панчев на денешната прес-конференција.