Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Петлиња > Пет генерации на ФК Вардар следниве два дена ќе ги играат првите полуфинални мечеви во Купот

Пет генерации на ФК Вардар следниве два дена ќе ги играат првите полуфинални мечеви во Купот

Пет генерации на фудбалскиот клуб Вардар во среда и четврток ќе ги одиграат првите полуфинални натпревари од купот на Македонија.

Генерацијата родени “2002“ година утре со почеток од 15 часот гостуваат на екипата на ФК Талент од Битола. Противник кој не е многу познат за нашиот состав, кој ќе се обиде уште на првиот меч да извлече поволен резултат, за помирен реванш во Скопје. Избраниците на Ѓорѓиевски во претходните рунди ги елиминираа екипите на Башкими и Гостивар, додека Талент во четврфиналниот двомеч беше подобра од Шкендија. По губење на шансите за првото место во регионалната-скопска лига, сите погледи на црвено-црните се насочени кон овие натпревари од националниот куп.

Полуфинале ќе игра и генерацијата “2003“ која е неприкосновена во првенството, каде има 15 победи од исто толку одиграни мечеви. Тие утре на теренот на академијата се домаќини на екипата на Милано, во првиот меч од полуфиналето на купот. Натпреварот е закажан да започне од 10 часот. Со овој противник оваа сезона игравме еднаш и тоа во есенскиот дел од регионалната лига, кога славевме триумф со резултат 1:3 и тоа со сите голови на Антонио Мирков. Во лигата имаме осум бода повеќе од утрешниот противник, па фаворитската улога во овој двомеч се препишува на Вардарци. Сепак нема да биде лесно со оглед дека и Милано располага со добар и квалитетен состав, кој знае да биде многу незгоден.

Пионерите ќе се обидат да ја “спасат“ сезоната и да стигнат во финалето на купот. Избраниците на Сашо Тодоровски ги загубија сите шанси за титулата во лигата, па сега сите сили ќе ги насочат кон купот, каде и го бранат трофејот освоен од минатата сезона. Во среда на академија од 13 часот ќе гостува Победа од Прилеп, на првиот полуфинален дуел. На истиов терен во есенскиот дел во рамките на лигата го совладавме противникот со 4:1, додека во пролетниот дел Прилепчани се реваншираа, кога славеа минимално со 1:0. Оваа генерација не игра сјајно во пролетниот дел, каде загуби многу бодови во лигата, која ги чинеше пад на третото место на табелата. Се надеваме дека во финишот на сезоната ќе ја вратат старата препознатлива форма и дека ќе го одбранат трофејот во купот. За да се случи тоа, најпрво треба да ја елиминираме Победа.

Кадетите и младинците во реприза на финалињата во купот од минатата сезона. Противник за двете наши екипи во оваа елиминациска рунда е тимот на Академија Пандев. Само за потсетување во големото финале на оваа натпреварување, минатата сезона екипата од Струмица не совлада во двете финалиња и тоа со минимален резултат од 1:0. Дали дојде времето да се “расчистат“ сметките ќе покажат овие два полуфинални натпревари на двете Вардарови екипи. Билансот на кадетите со екипата на Академија Пандев, оваа сезона е еден триумф за избраниците на Колев и еден нерешен резултат. Вардар со поразот од Работнички, ги загуби шансите за првото место во првенството, па борбата ќе ја води главно сега во купот. Младинците пак водат голема борба во лигата со екипата на Шкендија, каде имаат ист број на бодови на четири кола пред крајот. Во куп натпреварувањето ќе се обидат повторно да стигнат до големото финале и да го освојат трофејот. Оваа сезона еднаш ги совладавме Пандевци и тоа на домашен терен, додека во Струмица одигравме без победник.

Кадетите својот прв натпревар го играат на домашен терен и тоа во четврток со почеток во 13-00 часот, додека истиот ден младинците ќе гостуваат во Струмица, на А.Пандев со почеток во 12-00ч.