Пет играчи од Академијата на ФК Вардар родени 2006 година се најдоа на списокот на кандидати кои се квалификувани, за прием во Академијата на ФФМ.
Играчите кои ги поминаа сите прелиминарни кругови и се најдоа на финалното селектирање се: Дарко Сековски, Стефан Коловски, Кристијан Галевски, Матеј Гаштаров и Давор Лефковски. Во наредниве денови треба да се знае и официјално кои од овие пет вардарови играчи ќе прифатат во наредните две сезони да бидат дел од Академијата на ФФМ. Сите споменати играчи во сезоната која помина настапуваа во една генерација повозрасни, односно со генерацијата 2005 се натпреваруваа во регионалната-скопска лига. Само Сековски се приклучи на генерацијата 2006 и тоа на завршниот турнир, на кој Вардар стана Шампион на Македонија.
Вардар секоја година има најмногу деца, кои преминуваат во Академијата на ФФМ. Пред две години таков беше случајот со браќата, Марко и Матео Софијаноски, потоа голманите, Стефан Тасев и Васко Василев, како и Марио Ричков и Огнен Здравковски. Ричков и Здравковски веќе се вратија во Вардар и настапија на турнир во Босна, додека се очекува и голманот Тасев во новата сезона да биде дел од црвено-црните. Браќата Софијаноски најверојатно ќе играат за Њу Старс, додека Василев потпиша за Црвена Ѕвезда.
Уште една сезона дел од Академијата на ФФМ ќе бидат и четворица играчи на Вардар, кои се генерација 2005. Се работи за Симеон Здравковски, Илија Апостоловски, Зоран Фидановски и Арбин Курти.