Денеска на терените на фудбалската федерација на Македонија се одигра ново коло во детската лига. Вардаровата генерација “2006“ одигра два натпревари, на кои забележа една победа и нерешен резултат.
Вардар (2) одигра меч со екипата на Работнички и заврши со нерешен резултат 3:3. Денес одличен меч одигра Максим Цониќ, кој постигна два евро гола. Тој го имаше првиот обид кон противничкиот гол, сепак неговиот удар го брани голманот на Работнички. Во продолжение се играше на средината на теренот, без поголеми шанси кон еден од двата гола. На сцена стапува Максим Цониќ кој од слободен удар во стилот на големите играчи постигнува прекрасен гол. Топката одеше силно во горниот лев агол, без шанси за противничкиот голман да го скроти ударот. Работнички имаше две прилики да го израмни резултатот, но нашиот голман Андреј Данстак спречува погодок. Сепак противникот успева да израмни до крајот на првиот дел и со резултат 1:1 да се замине на краток одмор.
Во второто полувреме, екипата на Работнички на два пати имаше предност, но Вардар се враќаше од негатива и успеваше да израмни. Најпрво беше 1:2, а црвено-црните израмнија на 2:2 со голот на Михаил Танчев. Имавме можност да гледаме одличен натпревар со многу шанси на двете страни. Повторно противникот доаѓа во водство, но Максим Цониќ не дозволува пораз за својата екипа. Уште еден одлилен гол за младиот Максим, кој се повеќе почнува да воодушевува со неговата игра. Конечниот резултат гласеше 3:3.
Вардар (1) се сретна со тимот на Албарса (2) и забележа убедлив триумф од 8:1. Натпреварот започна со авто гол на противникот за предност на Вардар од 1:0. Во прилика се најде Марко Николовски, но неговиот удар го брани голманот. Вардар беше подобра екипа на теренот и постојано имаше иницијатива. Шансите пред голот на Албарса се редеа во секоја помината минута и беше прашање на време кога ќе започне противникот да ги вади топките од својата мрежа. Голубов, Николовски и Коловски имаа одлични шанси, но голманот на Албарса во тие моменти одлично го чуваше својот гол. Сепак неможеше вечно да трае неефикасноста на црвено-црните. Давид Голубов се решава да упати удар и да зголеми на 2:0. Погодува и Марко Николовски, кој зголеми на 3:0, резултат со кој се замина на полувреме.
Нашите млади надежи продолжија со иницијатива и во второто полувреме. Дарко Сековски е сигурен реализатор на пеналот, со што резултатот е веќе 4:0. Противникот речиси и да не направи ништо посериозно кон нашиот гол. Сите линии во нашата игра функционираа беспрекорно. Михаил Танчев се запишува во листата на стрелци за водство од 5:0. Со својот втор гол, Марко Николовски набргу зголемува на 6:0. Конечно екипата на Албарса успева да постигне почесен гол и да го намали резултатот на 6:1. Последните два гола на овој натпревар беа дело на Стефан Коловски, за конечен резултат од 8:1.