Генерацијата 2006 на ФК Вардар денес ги стартуваше настапите на турнирот „Пирин Куп“. Избраниците на Фили Спасески одиграа два натпревари, на кои остварија по една победа и пораз.
Турнирот го отворивме со натпревар против екипата на ЦСКА Софија, меч кој го загубивме со резултат 3:2. Не можеме да кажеме дека ова беше заслужена победа за бугарската екипа, која сите три погодоци ги постигна од прекини. Вардар покрај головите имаше и уште неколку добри шанси кои за жал останаа неискоритени. ЦСКА прва го отвори резултатот за 1:0, но црвено-црните вратија со погодок на Алтин Алији за израмнување на 1:1, резултат со кој се замина на полувреме.
Во вториот дел, повторно противникот ја врати предноста од еден гол, поведе со 2:1, но ние пак имавме одговор и со голот на Марко Николовски донесовме израмнување на 2:2. Сепак екипата од Бугарија повторно ја погоди нашата мрежа и ги постави конечните 3:2 на овој дуел. Вардар може да жали за пречката која ја погоди Алији, како и обидот на Ајетовиќ кој од 12 метри пласираше само крај голот.
Вардар: Данстак, Николов, Порчу, Јанковски, Спасовски, Миовски, Величковски, Нурединовски, Николовски, Ајетовиќ, Алији.
На вториот дуел наш противник беше екипата на Димитровград, која ја победивме со резултат 3:1. На овој дуел постигнавме три евро голови. Два од нив беа дело на Михаил Танчев, додека прекрасен гол од слободен удар постигна и Марко Николовски. Откако имавме водство од 2:0, тренерот Спасески ја замени речиси цела прва постава и шанса им даде на сите играчи кои започнаа од клупата на овој дуел.
Вардар: Краљевски, Николов, Настевски, Јанковски, Спасовски, Нурединовски, Величковски, Цониќ, Танчев, Николовски, Алији.
Во текот на утрешниот ден ќе го одиграме последниот меч од групната фаза, противник е екипата на Хебар од Бугарија. Во четвртфиналето ќе се пласираат првите две екипи од трите групи и најдобрите две третопласирани екипи.