Thursday ,12 December 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Победничко прво пролетно коло за младите вардарови екипи, максимален ефект во дуелите со Шкупи
Победничко прво пролетно коло за младите вардарови екипи, максимален ефект во дуелите со Шкупи

Победничко прво пролетно коло за младите вардарови екипи, максимален ефект во дуелите со Шкупи

Изминатиов викенд се одигра првото пролетно коло во првенството на младински фудбалски категории, во кое вардарци имаа четири победи на исто толку мечеви. Противник ни беше екипата на Шкупи, кадетите и младинците славеа на гостувањето, додека пионерските екипи беа поуспешни на теренот на Академијата.

Најтензичниот натпревар помеѓу овие две екипи, се одигра кај помладите пионери, на кој црвено-црните и покрај се што се случуваше на теренот успеаа да излезат како победник. Не се нагледавме многу фудбал, тимот на Шкупи со групата игра и многуте фаули не го дозволуваше тоа, а главниот суија им покажа само еден црвен картон, иако заслужија и нешто повеќе. Георг Стојановски на стартот на второто полувреме ја најави победата кога погоди за 1:0, додека на пет минути на крајот триумфот го „запечати“ новото засилување Бојан Лозановски. Нашиот конкурент за титулата, екипата на Победа очекувано славеше на гостувањето кај екипата на Македонија Ѓ.П, додека третопласираниот Работнички беше непријатно поразен на домашен терен од екипата на Академија Пандев. Вардар и Победа останаа со ист број на бодови (32), додека после поразот на романтичарите, Вардар ја зголеми разликата на пет бодови во однос на Работнички.

До важна победа во борбата за трофејот стигнаа и пионерите, иако минимална, сепак вредна три бода, благодарение на голот на Леонид Игнатов со удар од белата точка. Долго време црвено-црните се ободуваа да го скршат отпорот на чаирчани, тоа се случи кога поради еден прекршок во противничкиот шеснаесетник над Асани, беше оправдано покажано на белата точка, а сигурен реализатор беше Игнатов. Од првото пролетно коло „профитираше“ и оваа генерација на Вардар, со оглед дека ја зголеми разликата на пет бода пред Работнички, додека со Академија Пандев остануваме на два бода разлика, со оглед дека токму Работнички во ова коло ја совлада А.Пандев.

До победа вкупно петта во лигата стигнаа и кадетите на Вардар, кои славеа на гостувањето кај екипата на Шкупи, со резулат 0:2, со головите на Спировски и Игнатов. Ова беше и деби победа за Горан Петрески на клупата на вардаровите кадети. После првото пролетно коло успеавме да одиме позиција погоре на табелата, односно сега сме на шесттото место.

Сигурни во ова коло беа и избраниците на Сашо Тодоровски, за кој ова е исто така прва победа како нов предводник на младинскиот состав. Нашите младинци беа сигурни и забележаа триумф од 1:3, откако имаа негатива на стартот од мечот, до крајот направија резултатски пресврт. Стрелци на головите беа Реџепи, Јусуф и Велковски. Што се однесува до табелата во младинската супер лига, таму нема промени, со оглед дека победничко коло имаше и Шкендија, па разликата остана на осум бодови повеќе од Вардар.

Во следното коло, пионерските екипи се гости во Штип, додека кадетите и младинците на свој терен се домаќини на тимот на Брегалница.