Вардар ја доби градската пресметка попладнево. Со голот на Дарко Мицевски од пенал во првиот дел, Вардар запиша значајни три бода во борбата за пласман во квалификациите за Лигата на Европа ова лето. Вардар на овој натпревар не блескаше, во вториот дел се реши да ја чува предноста од еден гол и ја сочува.
Првите 15-сетина минути минаа без поголеми шанси на двете страни. Вардар првата шанса ја имаше во 19.минута, Тошевски одлично нафрли од десната страна, топката одеше кон Лира кој беше соборен во шеснаесетникот на гостинот за пенал. Топката ја зеде Дарко Мицевски, биеше прецизно по земја за предност на нашиот тим од 1:0. Вардар во продолжението имаше уште една добра шанса, но Фелипе лошо нафрли и пропадна шансата. За одбележување беше 30. минута, гостинот ја имаше најубавата шанса за гол. Броја од преку 25.метри упати одличен удар, а Гачевски уште по убаво одбрани и спречи сигурен погодок на противникот. До крајот на првиот дел немаше промени на резултатот, па Вардар замина на пауза со предност.
Вториот дел започна со добра шанса на противникот, Сержињо упати добар удар од 15-сетина метри за малку крај голот на Гачевски. Во 64.минута кај Вардар беше извршена првата замена, од игра излезе Бојан Колевски, а на негово место во игра влезе Цветаноски. Во второто полувреме Вардар се реши да го брани водството и својата шанса за нов гол да ја чека преку контра напади и грешки на противникот. Супер шанса имаше гостинот во 69.минута, но за среќа по Вардар Велију биеше од неколку метри со глава само во Гачевски. Конечно првиот удар кон голот на противникот во вториот дел го упати Најдовски со глава по нафрлена топка на Фелипе која заврши над голот на Азизи. Во последните пет минути во игра влезе и Адем на местото на Аврамовски. До крајот на дуелот немаше резултатски промени, па така Вардар запиша важни три бода и победа.