Вардаровата генерација “2009„ забележа половичен успех во денешното коло од детската фудбалска лига.
Вардар (2) се сретна со екипата на Драчево и беше поразена со резултат 3:5. На стартот од дуелот видовме два брзи гола на двете страни, по еден во двете мрежи. Екипата на Драчево беше таа која го отвори резултатот и поведе со 0:1, за Вардар да врати во следната минута и преку Максим Павловски да го израмни резултатот на 1:1. Избраниците на Зоран Петковски имаа можност да поведат, но Павловски промаши удар од белата точка, односно голманот на Драчево успешно одбрани. И противникот имаше можност да поведе од пенал, но и нашиот голман, Бојан Лазаревски го скроти ударот. До крајот на првиот дел обид имаше и Наќевски, но одбрани голманот. По првото полувреме се замина со резултат 1:1.
Противничкиот тим во второто полувреме ја врати предноста кога погоди за 2:1, од првиот обид обрани нашиот голман Најдовски, но не и од втора кога беше принуден да ја вади топката од нашата мрежа. Црвено-црните имаа можност повторно да донесат израмнување, но во иста акција не успеваме да погодиме после два удари. Најпрво Качман се обиде, одбрани голманот, на одбиената топка наиде Павловски кој шутира во стативата.
Екипата на Драчево постигна два нови голови и веќе имаше убедливо водство од 1:4, но Вардар бргу врати најпрво преку Качман за 2:4, а потоа и преку Павловски за 3:4. Останаа уште неколку минути до крајот на натпреварот, а Драчево со уште еден гол во нашата мрежа ја потврдија победата и славеа со резултат 3:5.
До нова сигурна победа стигна екипата на Вардар (1) која беше подобра од тимот на Биџо од Куманово. Васко Папаливски беше играчот кој успеа да го отвори резултатот и да му донесе предност на Вардар од 1:0. Вардар целосно го надигра противникот на овој дуел и покрај постигнатите голови имавме уште многу шанси за поголем триумф. Петровски и Михајловски во иста акција имаа можност за постигнување на гол, но обидите останаа без реализација. После една грешка на противничката одбрана, најдобро се снајде Јаков Стојковски кој погоди за предност од 2:0. За прв пат се закани и екипата на Биџо, но топката оди покрај голот на Вардар. Избраниците на Петковски имаа можност да го зголемат резултатот, но Дарин Михајловски ја погоди само пречката. Сепак истиов играч во следната акција успева да се запише во листата на стрелци и да погоди за 3:0. До крајот на првото полувреме успеваме да постигнеме уште два гола. Најпрво со голот на Марко Петровски, нашите надежи поведоа со 4:0, додека Павел Котески-Митроски донесе зголемување на 5:0. Овој резултат беше актуелен на полувреме.
Подобри бевме и во второто полувреме, кога константно го напаѓавме голот на кумановчани. Со својот прв гол денес, Даниел Колевски ја продолжи голеадата на својот тим во вториот дел, зголемувајќи на 6:0. Марко Петровски имаше голема прилика откако се најде само очи во очи со голманот на Биџо, сепак противничкиот чувар одбрани и може да се каже дека е најзаслужен што неговиот тим денес не беше повисоко поразен. Прв гол и за противникот, откако Вардар за брзо време направи три корни, за намалување на 6:1. Голема прилика и тоа во два наврати во една иста акција имаше и Папаливски, но одбрани голманот на Биџо. Јаков Стојковски беше играчот кој следен постигна гол и зголеми на 7:1, а Вито Павлов од пенал зголеми на 8:1. До крајот на мечот по еден гол во двете мрежи. Најпрво Биџо намали на 8:2, додека конечниот резултат од 9:2 беше дело на Даниел Колевски.