Помладите пионери на ФК Вардар покажаа дека се зрели сезонава да ја освојат шампионската титула. Иако младинската школа на клубот се соочува со големи проблеми околу составување на екипите во вториот дел од сезоната, сепак денес вардарци покажаа дека нема да биде лесно со нив. На теренот на Академијата, пом.пионери на Вардар го победија директниот конкурент за трофејот, тимот на А.Пандев и се одлепија на врвот на табелата во лигата. Откако имавме негатива од два гола, вардарци се вратија со три погодоци за конечен триумф 3:2.
Тренерот Стефановски стартуваше со следниве 11-сетмина: Апостоловски, Кулуковски, Серафимов, Стојилевски, Фидановски, Дошев, Спасиќ, Курти, Цветков, Јовановски и Величковски (К).
Екипата на Академија Пандев подобро го отвори овој натпревар, тргна посиловито кон нашиот гол. Во својата прва поголема шанса гостинската екипа успеа да го совлада нашиот голман и да го отвори резултатот на 0:1. Брза акција направија играчите на Пандев, еден од нивните играчи имаше добра ситуација која ја претвори во погодок. Вардар уште не се разбуди од „шокот“ а следеше нов погодок во нивната мрежа. После еден фаул во нашиот шеснаесетник, помошниот судија сугерираше до главниот дека има направено прекршок, па беше досуден удар од 11 метри. Аполовски првично одбрани, но на одбиената топка повторно стигнува противничкиот играч кој ја вметна топката во мрежа за 0:2. Се ослободивме во продолжение од натпреварот па започнавме да играме и подобро, а и нивото на игра падна кај гостинската екипа. Арбин Курти беше играчот кој ја имаше првата посериозна шанса кај нас, доби топка од своите соиграчи, биеше, но со добра интервенција голманот на струмичани спаси намалување на резултатот. Уште еден обид имаше овој играч, откако доби топка од Фидановски, но немаше промена на резултатот, повторно голманот на Пандев беше на своето место.
Иницијативата на вардарци вроди со плод, успеавме да постигнеме гол во противничката мрежа. Од десната страна топка во противничкиот шеснасетник нафрли Јовановски, кој го пронајде Величковски Никола кој со глава погодува за намалување на 1:2. До крајот на првиот дел, противникот се закани од слободен удар, топката отиде над голот, додека во последната минута од првото полувреме, кај Вардар, Ѓорѓи Дошев од слободен удар се обиде, голманот интервенираше со крајни сили и ја исфрли топката во корнер.
Вардарци покажаа голем карактер во вториот дел од натпреварот, успевајќи да постигнат два гола, а да ја сочуваат мрежата незатресена. Одлично одигравме во овој дел од дуелот, момците на Гаге се вратија комплетно во натпреварот освојувајќи ги бодовите. Пред да го израмниме резултатот, во една мешаница после нафрлена топка од корнер, во противничкиот шеснаесетник изблокиран беше Величковски. Откако Курти не можеше да го продолжи натпреварот поради повреда, моравме да направиме принудна измена. Во игра влезе Михаил Јаневски кој се покажа како вистински „џокер“ за Вардар. После една мешаница во шеснаесетникот на А.Пандев, противничките играчи не ја исфрлија топката, најснаодлив беше Михаил Јаневски кој погоди за 2:2.
Целосно се распадна тимот на Пандев кој не наликуваше на оној од почетокот на натпреварот. Вардарци беа во офанзива, со голема желба да го свртат резултатот. Тоа му успева на Филип Јовановски, кој после една голема грешка на последниот дефанзивен играч, Јовановски излезе сам со противничкиот гоман, биеше во долниот десен голмански агол за водство од 3:2. До крајот на натпреварот имавме контрола на играта, иако струмичани се обидуваа да стигнат до израмнување. Мора да се пофали и нашиот голман, Илија Апостоловски кој добро реагираше на неколку обиди на противникот, ја сочува својата мрежа во вториот дел за конечна победа од 3:2.
Оваа генерација на Вардар се одлепи на врвот на табелата, а ова беше важен натпревар против екипа која е наш најголем конкурент за освојување на шампионската титула. Големо браво за момците на Гаге кои денес покажаа карактер на победници, се вратија од два гола негатива, кога се беше можеби изгубено тие покажаа дека фудбалот се игра 90 минути. Вардар сега има 4 бода повеќе на табелата од тимот на Академија Пандев.