Денес на теренот на академијата се одигра дербито кај помладите пионери, помеѓу екипите на Вардар и Победа. Поуспешни беа црвено-црните кои славеа со 2:0 и на тој начин избија на врвот на табелата, каде пред ова коло се наоѓаше токму Победа од Прилеп. Денес играчот на одлука беше капитенот Костовски кој на два пати со глава го пронајде патот кон противничката мрежа и во двата обиди по центар шут на Трајановски.
Тренерот Тодоровски започна со следниве 11-сетмина: Станковски, Величковиќ, Костовски, Крстевски, Хасани, Гугуљанов, Трајановски, Мирков, Речица, Омерагиќ, Стојановски.
Вардар имаше најголем дел од играта во првото полувреме, поголем посед на топка и повеќе шанси од противникот. Имавме можност рано да го отвориме резултатот, но Кристијан Стојановски не успева да погоди иако имаше добра позиција, сепак голманот на Победа го одбрани неговиот удар.
Следен кој се обиде кај црвено-црните беше Харбин Речица, кој со глава бие само во рацете на добро поставениот голман на прилепчани. Постојано се обидувавме да создадеме поконкретна акција, но Победа добро ги затвори сите приоди кон нивниот гол. Гостинската екипа речиси и да беше безопасна, па нашиот голман Станковски немаше многу работа во првото полувреме, освен два удари кои завршија покрај неговиот гол.
Иницијативата Вардар ја круниса со гол кога од нафрлена топка од корнер на Трајановски во “срцето“ на противничкиот шеснаесетник се најде капитенот Далибор Костовски кој со глава ја заби топката во мрежата на Победа и донесе водство на својот тим од 1:0. До крајот на првото полувреме немаше поголеми возбудувања, освен обидот на Мирков со глава кој за малку заврши над голот. По првиот дел имавме минимално водство од 1:0.
Во вториот дел првите обиди ги имаше Победа, еднаш шутираат покрај гол во другиот брани Станковски. Топлото време ја отежнуваше играта, но Вардар се обидуваше да даде втор гол за помирно да го приведе натпреварот. Од слободен удар се обиде Дамјан Трајановски, но топката завршува неколку сантиметри покрај левиот директ од голот на Победа. Во полушанса се најде и Крстевски, кој со глава од корнер шутира над голот.
Избраниците на Тодоровски имаа добра шанса да го зголемат резултатот и тоа во добра акција која започна од нашата половина, а тргна од Костовски кој додаде до Величковиќ, овој веднаш до Омерагиќ кој направи трк нафрли во противникиот шеснаесетник, каде беше Речица кој бие, но голманот на Победа му влезе во шутот и го брани ударот, по што резултатот остана непроменет. Кога неможевме да постигнеме од игра, тоа се случи повторно од прекин и повторно во центарот на вниманието беа Трајановски Дамјан кој нафрли од прекин, а на вистинското место е капитенот Далибор Костовски кој со глава погодува за предност од 2:0. По овој гол беше решен победникот, а до крајот на мечот останаа уште 10 минути. Тренерот Рап-Тап направи пет измени. Во игра влегоа Демири, Величковски, Симев, Стојковски, Кузевски и Шабани, додека играта ја напуштија Мирков, Речица, Гугуљанов, Трајановски и Станковски.
Ова беше вкупно шестта победа за помладите пионери на Вардар кои му го нанесоа првиот пораз на Победа во новата сезона и го симнаа од врвот на табелата, кој по ова коло му припаѓа на Вардар.