Како и што започнаа така и продолжуваат во пролетниот дел од сезоната. Помладите пионери на ФК Вардар, утрово на теренот на Академијата беа убедливо во дербито со екипата на Пелистер, совладувајќи ги со резултат 5:0.
Тренерот Тодоровски се одлучи да стартува со следниве 11-сетмина: Величковски, Костовски (c), Асани, Крстевски, Величковиќ, Петејчук, Гугуљанов, Стојановски, Хасани, Омерагиќ, Мирков.
Првиот удар кон еден од головите го имаше Вардар, преку Азер Омерагиќ кој се најде во ситуација да бие, но голманот на Пелистер навремено реагираше и спречи рана негатива за својот тим. Сепак на првиот гол не се чекаше многу време, се играше акција од десната страна, топката во противничкиот шеснаесетник ја нафрли Омерагиќ, која стигна до Абдула Хасани, кој од непосредна близина и непречен од никого успева да го отвори резултатот на 1:0. Црвено-црните доминираа на теренот и имаа контрола на играта.
Следен кој се обиде беше Мирков кој биеше по земја, но ништо посериозно. Следува втор гол на натпреварот и повторно во мрежата на битолчани, за зголемување на резултатот на 2:0. Стрелец е повторно Абдула Хасани, кој се најде на вистинското место. Пелистер конечно на половина од првото полувреме го упатува првиот директен удар кон нашиот гол, но Величковски без проблеми ја прибира топката во своите раце. Во следниот период се обидоа Мирков кој шутира покрај гол и Омерагиќ кој со галава бие над голот на гостинската екипа. Пелистер целосно падна, а тоа го искористија вардарци кои до крајот на првото полувреме постигнаа уште два гола. Најпрво на 3:0 зголеми Азер Омерагиќ, за последниот гол во првите 40 минути да биде дело на стоперот Виктор Крстевски, кој во една мешаница најдобро се снајде и погоди за убедливо водство од 4:0. Со овој резултат се замина на одмор.
На стартот на вториот дел беа направени три измени во нашите редови. Од игра излегоа Величковски, Хасани и Мирков, додека влегоа Стојковски, Фазлиу и Салиу. Првите обиди ги имаа токму Фазлиу и Салиу, но голманот на Пелистер успешно одбрани во двата наврати. Уште две нови измени во составот на Вардар. Тренерот Тодоровски го уфрли Георг Стојановски, кој е генерација родени “2004“ година и ова за него беше деби настап кај оваа генерација, на негово место излезе Омерагиќ. Исто така влезе и Мујаз Демири на местото на Стојановски.
Токму Георг Стојановски го постигнува следниот гол, за веќе “петарда“ во мрежата на Пелистер и предност од 5:0. Ова е деби гол за младиот Гео во генерацијата родени “2002“ година. До крајот на мечот сите играчи добија шанса за игра. Велгоа Ѓорѓиевски и Симев, а излегоа Костовски и Петејчук. Немаше поголеми возбудувања до крајот на мечот, црвено-црните имаа сигурна предност, а Пелистер на овој дуел немаше ниту една голема прилика барем за да постигне почесен гол. На крајот конечен резултат од 5:0.
Ова беше вкупно 14 победа за помладите пионери, кои продолжуваат со добрите игри и на стартот од пролетниот дел од сезоната, или вториот круг на натпреварување.