Избраничките на Симе Симовски, девојките од Вардар Јуниор гостуваа кај екипата на ЖРК Куманово во рамки на женската супер лига. Во овој меч Вардар јуниор победи со 28-26 (14-11) и се врати во игра за второто место на табелата, имаме 33 бода, исто колку и Куманово и моментно сме на делба на второто место.
На почетокот домашните играчи поведоа со 3-1 надевајќи се на добар натпревар. Ние потоа имавме серија од 5-0 со која поведовме со 6-3, тоа не беше се туку продолживме да ја одржуваме разликата и да зголемиме и неколкупати на „плус 4″ во првото полувреме. На полувреме заминавме со предност од 14-11, предност која ни даваше големи шанси за победа во вторите 30.минути.
Во вториот дел нашиот Вардар јуниор продолжи да погодува и разликата се зголеми на „плус 5″ за водство 18-13. Сепак домаќинот тимот на ЖРК Куманово не се откажуваше, тие направија големи напори да се вратат во игра и намалија на само еден гол негатива, 20-21. За среќа ние бевме сконцетрирани, потоа Вардар јуниор повторно се одлепи, со серија 4-1 овојпат отидовме на 25-21 како најава за мирна завршница. Домаќинот до крајот немаше прилика да ни се доближи, ние победивме со заслужени 28-26. Во следното коло на 15 март, младиот тим на Вардар јуниор е домаќин на Деспина.
Најефикасни во нашиот состав беа Мирјана Петковска и Сашка Филипоска кои постигнаа по 5 голови.
Куманово – Вардар јуниор 26-28 (11-14)
ВАРДАР ЈУНИОР: Илиќ, М. Николовска, А.Николовска 4, Петковска 5, Карчева, Стефановска, Кицеска, Вељановска, Галевска, Трпевска 1, Костовиќ, Диневска 1, Божиноска 4, Филипоска 5, Иванова 4, Николиќ 4.